На денешен ден, 04.05.1903 во селото Баница загинува еден од најголемите Македонски револуционери во историјата, Гоце Делчев.

На пат за Ловчанската корија на Али Ботуш, каде што го закажал Конгресот на Серскиот револуционерен округ, Гоце запрел во селото Баница, Серско. Таму се сретнал со четите на Бродалијата и Димитар Гуштанов. Овде се затекнал и Димо Хаџи Димов. На 3 мај 1903 година, вечерта, Гоце бил мошне импресиониран од Солунските атентати и во селото Баница ги изрекол зборовите:

Ги разигравме анамите со широките шалвари во Солун, така ќе ја растресеме целата турска гнила империја од темел

Димо Хаџи Димов, близок соработник и пријател на Гоце, и самиот учесник во борбата кај Баница го оставил следното потресно сведоштво:

Петнаесет часа ние го гледавме мртвиот Гоце, наведнат, чиниш, врз грбот на Македонија. И петнаесет часа ни се кинеа срцата

Постојат повеќе верзии за неговото загинување, изнесени од непосредните сведоци на неговата смрт. Михаил Чаков истакнува дека взори бил разбуден од еден полјак од селото кој му јавил дека Баница била полна со аскер. Потоа го упатил кај Гоце за да му го соопшти истото. Меѓутоа штом полјакот слегол доле бил прибран од аскерот. Чаков слегол долу и се упатил кон куќата каде што бил сместен Гоце. Од таа куќа излегле две девојчиња, кои му рекле и тој да се прибере во таа куќа. При средбата, Гоце направил распоред за одбраната, а потоа, штом забележал дека војската одела по куќите и претресувала, заповедал да излезат и тргнат низ селото.

Пејо Јаворов дава малку поинаква верзија. Рано изутрина Гоце и другарите биле разбудени од некоја баба која им рекла: Станете, момци! Аскер го загради селото и пребарува по куќите. Гоце и комитетите биле готови за борба. Војската пребарувала по куќите и го собирала населението. Тие стигнале до куќата каде што бил Гоце со другарите. Гоце предложил да излезат од селото за да не биде запалено. Наместо да го чека мракот во утврдената камена куќа, наредил да излезат и да тргнат низ селото. По решението на Гоце, сите излегле на улица и се провлекувале до крајот на селото, каде што се наоѓала последната војска, и според Јаворов, Гоце извикал: Легнувајте! Првата пушка тој ја пукнал. Сите залегнале, а Гоце, според Чаков, застанал простум да ја полни пушката. Како луд му свикав: Легнувај, Гоце! Легна, но на самото легнување еден куршум го пронижа во левата града, и тој падна врз својата пушка... ги кладе двете раце наземи и се обиде да се крене гледајќи кон другарите што беа се растуриле покрај ѕидот на куќата и ги рече последните зборови:

Ах, момци, рани... и пушти душа.

Веднаш го фатив за левиот опинок, како што беше легнал по очи и колку глас ме држи викав: Гоце, Гоце! - Никаков одговор. Изгасна за секогаш јуначката натура. Во борбата кај Баница учествувале 14 борци. Биле убиени: Гоце, Стефчо Трлишанчето, Кољо Консулата, Димитар Гуштанов. Бил ранет: Ѓорѓи Савеклијата. Другите се извлекле преку една плевна и заминале од селото. За одмазда, аскерот го запалил селото и го бомбардирал со топови. Биле изгорени 124 куќи, изгорени селани 5, убиени 4, затворени 24. За овој подвиг Тефиков добил полковнички чин. Во текот на борбата телото на Гоце останало на местото каде што тој паднал. По борбата Тефиков го познал Гоце и дал наредба да се пренесе во Сер. Тоа го сакале и некои други видни турски управници од Сер за да го носат Гоцета како воен трофеј и да го деморализираат населението. Меѓутоа, пристигнала наредба од Солун да се остави Гоцевото тело во Баница и тука се погребе. Така загинал Гоце во Баница, храбро и достоинствено. Го даде својот живот за ослободување на Македонија.

Смртта на Гоце не била случајна. Неговото исчезнување било посакувано од бројни фактори. Но кој е предавникот или предавниците? Правиот одговор може да го даде само досега непозната архивска документација, ако е сочувана. Злорадоста напоила нечии срца, како оние на врховистите: Иван Цончев, Атанас Јанков, Софрониј Стојанов, Александар Протогеров, на кои им се припишува следново коментирање: Најпосле се куртуливме од тоа куче.

Гоцевата смрт била регистрирана во повеќе османлиски телеграми. Борбата кај Баница најпрво била регистрирана во шифрираната телеграм од управата на Серскиот санџак од 4 мај 1903 година, а Гоцевата смрт во шифрираната телеграма на Солунската окружна управа од 5 мај 1903 година. Османлиското задоволство било големо. Високата порта издала официјално соопштение со што ставила посебен акцент на настанот. Во тој контекст, Хусеин Тефиков бил унапреден во аскерски полковник. Ненадејната смрт на Гоце, нашла место во дипломатските извештаи.

Трагичната судбина на Гоце ја завила Македонија во траур. Неговата смрт претставува ненадоместлива загуба за македонскиот народ. Овај настан особено ги погодил смилевските конгресисти. На 31 годишна возраст слегла од животната и историската сцена, несомнено, најдинамичната личност на македонското револуционерно национално ослободително движење во предилинденскиот период, којшто оставил трајни траги во поновата македонска историја.


Администратор
04/05/2021 02:26