Иако е една од најбараните печурки во рана пролет, годинава поради температурните разлики печурката „смрчак” во Малешевскиот регион се јавува поретко за разлика од претходните години. Софија Буровска, откупувач на печурки и шумски плодови од село Русиново, како причина за тоа ги наведува температурните разлики во утринските чaсови, поради кои како што вели таа, нема плодна почва за појава на овој вид на печурка.
-Иако е сезона на „смрчак”, моментно временските услови се непогодни. Многу влијаат ниските температури кои го уништуваат мицелиумот. Оваа печурка не ја конзумира секој, а нејзината откупна цена која е повисока од другите печурки, кажува дека е специфична. Ја има на места по опожарување, но сезоната претежно е од април до 10 мај 2021 година, вели Буровска.
Поради затоплувањето, деновиве, додава, е можна повторна појава на „смрчак”.
-Влага има доволно, но ќе видиме овие денови дали ќе има нешто. Се зависи од самата природа, секако дека количински не може да има многу, но отприлика 100 до 200 килограми дневно може да се собираат, додава Буровска.
Според беровскиот откупувач на печурки, за оваа дополнителна дејност постои голем интерес во Малешевијата.
-Ова со короната што се случи сите не погоди, затоа што нема цени. И покрај тоа луѓето се заинтересирани. Јас одам во цела Малешевија и гледам дека има заинтересираност од тие што сакаат да имаат плус приходи. Константно собираат луѓето печурки, почнувајки од напролет кога е сезона на ливадарка, па потоа на ѓурѓевка, лисичарката која се јавува во јуни, па наесен доаѓа есенски вргањ, како и рујница. Исто така собираат и специфичните печурки како „црна труба„ и „овча шепа”, боров вргањ, што значи дека има што да се работи, но природата ќе даде одговор што ќе се случува, додава Буровска.
Највисоката цена за „смрчак” во Малешевијата достигнала 1500 денари за килограм, додека годинава се движи до 500 денари. Македонските печурки се пласираат на западниот пазар, но поради коронавирусот и неработењето на рестораните изминатата година откупот бил драстично намален за разлика од претходните години пред пандемијата.