Македонското друштво „Илинден"-Тирана реагираше во врска со одлуката на албанскиот Комитет на експерти за справување со пандемијата, за воведување двонеделен карантин за сите кои доаѓаат од Македонија.

-Одлуката на Техничкиот комитет на експерти за двонеделен карантин за секое лице што ќе влезе на територијата на Република Албанија од Македонија е избрзана и погрешна одлука, бидејќи деновиве се намалува бројот на заразени во Македонија. Оваа одлука економски ги погодува жителите кои живеат на албанско – македонската граница од Преспа до Голо Брдo, кои, искористувајќи ја близина на границата со Македонија своите животи ги имаат поврзано со сезонска работа и други активности во пограничните региони на Македонија, наведува друштвото во реакцијата.

Додава дека за овие жители, приходот обезбеден со сезонска работа во С Македонија, е единствен приход за нивните семејства.

-Бараме Комитет на експерти под итно да ја ревидира оваа одлука, бидејќи бројот на заразени лица во Македонија се намалува и не ја оправдува одлуката, стои во реакцијата.

Пред два дена донесената одлука на Комитетот, која стапи во сила вчера и важи до 3 мај, се однесува и за сите оние кои влегуваат на нејзина територија и од Грција.

Во врска со оваа одлука реагираше и лидерот на Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) и пратеник во албанскиот парламент, Васил Стерјовски, кој побара одлуката под итно да биде укината.

Барање за укинување на оваа одлука има и од здруженијата на албанските емигранти во Грција, како и дел од опозициските политички партии во Албанија, кои сметаат дека одлуката е намерна „за да се спречи доаѓањето на емигрантите да гласаат на изборите на 25 април".