Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во синоќешното интервју во „Клик плус“ на ТВ 21 ги демантираше обвинувањата од опозицијата дека над 20.000 граѓани имаат по два матични броја и по два пати ги има во гласачки список.

„Опозиција и лидер од кои секојдневно гледаме лица коишто се носители на важни функции во партијата, лица кои ја предводеле државата во 11 години, за кои се носат пресуди, се водат постапки токму за такви мафијашки структури нешто да обвинуваат околу оваа ситуација, мислам дека е во најмала рака невкусно. Сепак, јас разбирам дека тие како опозиција мора нешто да кажуваат. Впрочем, ова не е ништо ново. Јас минатата вечер говорев токму на оваа тема во едно интервју во кое кажав дека постојат одредени граѓани кои што имаат дупли матични броеви“, рече министерот Спасовски потсетувајќи дека според Законот за единствен матичен број, којшто бил донесен во Република Македонија во 1980 година, кога за првпат е уредено прашањето на матичниот број, во тоа време матичниот број се едвидентирал според живеалиштето на граѓанинот, додека за новородените деца според местото на раѓањето.

„Значи оваа постапка за определување на матичните броеви започнала во 1981 година и требало да заврши во 1985 година. Тогаш практично се направени одредени пропусти со двојниот матичен број и согледувајќи го целиот овој аспект, МВР подолго време работи во утврдување на двојните матични броеви и на поништување на тие двојни матични броеви. Таа постапка оди рачно, затоа што мора да се проверат сите бази на податоци со кои ние како МВР располагаме и, врз основа на тоа, таму каде што се утврдува двоен матичен број, ние го поништуваме, затоа што МВР е задолжено за определување на матичниот број на граѓанинот и за укинување, односно поништување на тие матични броеви ако за тоа постојат одредени причини“, објасни Спасовски.

Тој потврди дека кога започнала оваа постапка, само во Одделот за управни работи во Скопје се детектирани околу 660 двојни матични броеви, а од нив веќе се поништени 580, додека за 80 постапката е во тек. Така, според матичната евиденција за родените во Скопје, има 213 такви лица, додека во другите матични подрачни канцеларии околу 80-тина лица кои имаат двојни матични броеви.

„Во Куманово се поништени сите двојни матични броеви, а нивната бројка е околу 100, додека во Одделенијата за управни работи во другите градови тие бројки се многу помали. Значи кога се обработуваа матичните броеви се започнa од 1954 до 2019 година и тие матични броеви се проверени, додека во моментов тече проверката за лица родени 1930 до 1954 година, при што се констатирани многу малку грешки во бројките. Тие матични броеви што ние ги утврдуваме се доставуваат до Управата за водење на матични книги за да таму се потврдат дека одредено лице навистина има два матични броја и врз основа на тоа се покренува постапката за нивно поништување. Ние паралелно со ова знаете дека направивме еден посебен проект во делот на складирање на електронските податоци во МВР, со градење на Информатички центар во Прилеп, којшто ќе значи зачувување на сите бази на податоци и на МВР, но и на другите институции. Тоj проект е целосно завршен и го работевме заедно со ЕУ и јас сум навистина горд на него, бидејќи станува збор за проект којшто чинеше околу 10 милиони евра и ги задоволува сите потреби на овој современ начин на управување со вакви податоци. Овој систем кој е направен во Прилеп е систем кој што ќе ни помогне практично да го промениме стариот хост, којшто од 80-тите години е во употреба во МВР, кој е со скромни информатички или технички можности, во насока на тоа да при една автоматска обработка на податоци се даде еден поинаков пристап. Значи, ние веќе работиме и на овој дел на развивање на посебни модули, меѓу кои и за матичните броеви, кои системот ќе може директно да ги препознава и да не може да дојде до нивно дуплирање. Да повторам, двојните матични броеви што реално се детектирани се далеку од бројката од 20.000, најголемиот дел од нив се поништени, а другите се во постапка за поништување“, потврди министерот Спасовски.


Администратор
16/04/2021 11:21