Во контекст на нон-пејперот на словенечкиот премиер, Демократскиот сојуз смета дека идеите за прекројување на границите на Балканот се опасна игра со потенцијал да предизвика силни реакции, тектонски пореметувања и дестабилизација на целиот регион.

На сите им е јасно дека ревидирање на меѓудржавните граници на мирен начин е невозможна мисија и наместо балканските држави да се поддржат кон европскиот пат, во суштина се заговара "топовска завршница" во замислената балканска партија шах.

Македонија мора да биде крајно внимателна и активна во одбраната на мирот и евроатлантските перспективи на Балканските држави. Концептите за некаков конечен распад на Југославија претставуваат промоција на нови поделби на Западен Балкан и вовед во создавањето големи држави, кои во минатото беа платени со стотици илјади човечки животи, огромни разорувања и економски колапс.

Балканските држави имаат историска шанса да бидат дел од големото семејство на европските народи и од нив зависи дали таквата можност ќе ја искористат или ќе ги прифатат налудничавите големодржавни идеи кои значат меѓусебно истребување.


Администратор
16/04/2021 00:04