Ниските температури, снегот кој неодамна го зафати Преспанскиот регион и надморската височина на која се посадени јаболковите насади во Преспа овозможија доцна вегетација на овошките и минимално оштетување од утринскиот мраз. Претседателот на здружението на овоштари „Благој А. Котларовски“, Љубе Пампулевски информира дека во моментот овошките се во многу рана фаза на развој и утринските температури, кои деновиве достигнувале до минус шест степени целзиусови, не ги оштетиле насадите.

-Во моментот овошките се во многу рана фаза на развој заради надморската висина во Преспа. Овоштарниците во најголем дел се засадени на надморска височина од 860 до 960 метри, заради тоа имаме доцна вегетација и ниските температури, кои утрово беа до минус три степени, а вчера и завчера и до минус шест, речиси и да не ги оштетија јаболковите насади. Штета можеби има минимално, помалку од пет отсто, изјави Пампулевски.

Пролетниот снег, кој на 21 март ја зафати Преспа, со снежна покривка до половина метар, според него, исто така, позитивно влијаел на овошните насади, но и на хидролошката состојба во регионот. Годинава, нагласи, се очекува доцно пролетно цветање на јаболката.

-Благодарение на ниските температури и пролетниот снег, овошките ги задржаа во рана фаза на развој. И дневните темепратури се ниски и овозможуваат да се задржи вегетацијата. Ќе имаме доцно пролетно цветање годинава, некаде на крај на април и почеток на мај. Во моментот уште нема ниту розева папка, појасни Пампулевски. Долгата есен, како што ја нарече, и задржувањето на лисјата на дрвјата до крајот на декември, како и високите температури во јануари и февруари, предизвикале загриженост кај овоштарите од прерано цутење и уништување на родот и од најмал мраз.

-Овошките беа „вознемирени“ заради немањето ниски темератури зимава. Снегот ги стабилизира и „почуствуваа“ дека сега е време на мирување, фаза која ја задржа и вегетацијата за 30 дена. Доколку не паднеа температурите и не заврпнеше снег, овошките досега ќе беа прецветани и мразот ќе го направеше своето, рече Пампулевски.

Овошките во Преспа погодени од пролетен мраз во 2017 година претрпеа оштетување поголемо од 90 отсто, а последици врз насадите предизвика и невремето со град кое го зафати регионот во 2019 година.


Администратор
15/04/2021 23:07