Германската Христијанско-демократска унија (ЦДУ) го поддржува актулниот лидер на партијата Армин Лашет да биде кандидат за канцелар на националните избори закажани за септември, посочуваа денеска германските медиуми по состанокот на ЦДУ во Берлин.

Премиерот на државата Хесен, Волкер Буфиер, за германската новинска агенција ДПА изјави дека Лашет има поддршка од мнозинството водечки членови на ЦДУ.

Други неименувани партиски извори изјавија дека Лашет ќе биде избран врз основа на неговата „способност да обедини различни мислења, да развие став и да го претставува постојано“, пренесува Дојче веле.

Највисокото раководство на ЦДУ денеска имаше средба за да разговара кој ќе ја замени канцеларката Ангела Меркел по повеќе од 15 години на чело на германската Влада.

Претходно Лашет рече дека е убеден дека ќе добие согласност од партијата да стане кандидат за канцелар на претстојните парламентарни избори, и покрај конкуренцијата од Баварецот Маркус Зедер, лидер на Христијанско-социјалната унија (ЦСУ).

Претседателството на ЦДУ, денеска имаше средба за да го одреди првичниот правец, по официјалното објавување викендов за кандидатурата на двајцата политичари за таа позиција.

На прашањето дали ќе има поддршка од мнозинството од партијата, Лашет синоќа за телевизијата Билд изјави дека „тргнува од принципот дека ќе биде така“, иако не сака да го прејудицира исходот.

„Знам што мислат претседателите на регионалните сојузи“ на партијата што учествува во тоа раководно тело, рече Лашет, но додаде и дека не сака да зборува однапред и дека треба да почекаме да видиме што ќе се случи.

Главен ривал на Лашет меѓу конзервативците е шефот на баварската сестринска ЦСУ, Зедер, кој вчера и официјално ја објави својата кандидатура за претставник на конзервативците за иден канцелар. Зедер, сепак, рече дека ќе влезе во трката за канцелар само доколку ЦДУ, многу посилна партија на национално ниво, го побара тоа од него.

Раководството на ЦДУ се очекува да донесе одлука за ова во следните две недели.


Администратор
12/04/2021 15:56