Воената хунта во Мјанмар поднела нови кривични пријави против поранешната демократски избрана премиерка, Аунг Сан Су Чи, која беше соборена од власта и уапсена со воениот удар на 1 февруари, соопшти денеска нејзиниот адвокат.

Вкупно шест постапки се покренати против поранешната премиерка, пет во главниот град Најпијдоу и една во Јангон, изјави нејзиниот адвокат за француските медиуми, по сослушувањето во судот во Најпијдоу, каде Аунг сан Су Чи се појави преку видео врска.

-Повторно е обвинета според членот 25 од законот за управување со природни непогоди, додаде адвокатот.

Веднаш по соборувањето, таа беше обвинета за нелегален увоз на токи-воки, а во средината на февруари беше обвинета за кршење на законот за управување со природни катастрофи.

Воените власти на 25 март покренаа нова постапка против соборената 75-годишна лидерка, обвинувајќи ја за кршење на законот за државни тајни, а, исто така, е обвинета и за поттикнување на јавни немири.

Оваа добитничка на Нобеловата награда за мир во 1991 година, беше уапсена на 1 февруари кога беше извршен воениот удар и оттогаш се чува на тајно место во нејзината резиденција во Најпијдоу.


Администратор
12/04/2021 14:49