Како дел од олеснувањето на мерките против епидемијата на коронавирусот, трговските центри во Србија од денеска можат повторно да работат од 6 до 22 часот, освен угостителските објекти во нив, на кои им е дозволена само шалтерска продажба на храна и пијалоци. Во наредбата на министерот за здравство Златибор Лончар, објавена вчера во „Службен весник“, се вели дека на влезот во трговските центри ќе мора да биде истакната корисната површина на целиот објект, како и бројот на луѓе кои можат да бидат во него, со обврска посетителите да носат заштитни маски, јави допсиникот на МИА од Белград.

-Во трговските центри мора да биде назначен корона редар кој е одговорен за почитување на мерката за носење маска, а доколку објектот има повеќе влезови и излези, има повеќе катови и површина поголема од 500 квадратни метри, мора да бидат одредени повеќе корона редари, истакнато е во наредбата.

Исто така, угостителите кои се занимаваат со шалтерска продажба во трговски центри ќе треба да обезбедат пред пултот да не се собираат голем број луѓе и да меѓу нив има растојание од најмалку два метра.

Кога станува збор за други услужни активности, мерките остануваат исти, што значи дека сите видови продажни и услужни објекти можат да работат до 22 часот, што вклучува и тераси на рестораните и кафулиња, но без музика во живо.

Аптеките, бензинските пумпи, доставата на храна и ординациите и лабораториите од областа на медицината, стоматологијата и ветеринарната можат да работат неограничено.

Епидемиологот и член на кризниот штаб, Предраг Кон, изјави дека заштитни маски треба да се носат и во терасите на кафулињата, сè додека не се консумира пијалокот.


Администратор
12/04/2021 12:52