Следната недела Антикорупциска комисија ќе го анализира скандалозниот случај „Мафија“, рече вечерва во „Што не е јасно?“ на Алфа, претседателката на Државната комисја за спречување на корупција, Билјана Ивановска.

-Претпоставувам дека има елементи, следната недела ќе разгледаме, секогаш кога не функционира системот има големи ризици од корупција. Очигледно е дека тука нешто затаило во функционирањето на системот. Ако треба ќе се чешлаат и Спасовски и Заев. Ќе ги разгледаме сите информации и ќе ги дефинираме чекорите по кои што ќе одиме. Ако функционирал системот како што треба не би требало да има такви ситуации. Очигледно е дека имало слаби точки кои довеле до ваква ситуација, рече Ивановска.

Таа соопшти и дека отвориле предмет во врска со владините хонорарци чии имиња не се обелоденети. Антикорупциска ќе ги бара и имињата на „тајните хонорарци“.

- Сите исплати од буџетски средства, нагласи таа, треба да бидат јавни бидејќи буџетот се полни од јавни давачки. Од она што добивме досега како информации забележавме дека сите исплати се извршени преку Агенција за авторски права. Се поставува прашањето дали толку многу авторски дела и требаа на Владата, од една страна, од друга страна дали анализите се авторско дело бидејќи во Законот за авторски права не стои дека анализите се авторско дело, стои пишани документи, но тоа е широк поим. Самиот Закон за авторски права кажува дека авторското дело треба да добие јавност. Според мене не само што требало да бидат кажани лицата, туку требало и самите авторски дела да бидат достапни, рече Ивановска.


Администратор
10/04/2021 01:09