Лажни ковид-пасоши се продаваат преку интернет по поволни цени во голема измама што ги вознемири властите на многу земји кои сакаат да ги оживеат патувањата и економијата, велат експертите за кибер безбедност.

Од Исланд до Израел, голем број земји почнаа да ги укинуваат ограничувачките мерки при преминување на границите за луѓето кои можат да докажат дека биле вакцинирани.

„Луѓето се обидуваат да ги заобиколат правилата правејќи лажни документи, ставајќи ги во опасност животите на другите“, изјави за Ројтерс Бен Арора, основач на компанијата за кибер разузнавање Сајбл.

Тој додаде дека неговите колеги и тој виделе мноштво страници на „дарк-веб“ каде се продаваат лажни документи „по цена на кикирики“.

– Лажни документи за вакцинација може да се купат за 12 долари, додаде Арора, велејќи дека бројот на продавачи е зголемен откако се појавија на „дарк-веб“ кон крајот на февруари.

Одед Вануну од компанијата за кибер-безбедност „Чек Поинт“ изјави дека истражувачите во компанијата утврдиле постоење на бројни реклами на „дарк-веб“ што нудат документи кои наводно биле издадени во САД, Русија и други земји.

„Постои голема побарувачка за овие лажни документи“, нагласи Вануну.

– Измамници се појавија и на регуларни веб-страници и на различни платформи, вели Чад Андерсон, безбедносен истражувач во DomaineTools.

Минатата недела 45 државни обвинители на САД потпишаа писмо со кое го повикуваат раководството на Твитер, Ибеј и Шопифај да преземат итни мерки и да спречат продажба на лажни податоци на нивните платформи.


Администратор
08/04/2021 21:43