Вештачката интелигенција дава огромни можности за подобрување на ефикасноста во работењето, особено во големите компании. Дури и самата ковид ситуација придонесе до зголемена онлајн продажба, и нарачка на производи. Но локалните бизниси не се многу свесни за тоа што се може да се направи со вештачката интелигенција и кој е потенцијалот од истата.

Ова беа пораките од третата годишна конференција „Women in Digital 2021“ која денеска се одржа онлајн, организирана од Телекомуникациската компанија А1 Македонија.

Раководителката на одделот за ИТ едукација во Семос, Ирена Ивановска на конференцијата посочи дека вештачката интелигенција е насекаде околу нас.

-За мене вештачката интелигенција е насекаде околу нас, од телефонот кој го држам во рака, па се до роботот кој ми го донесе утринското кафе во хотелот во кој што престојував во Америка, рече Ивановска.

Ковид пандемијата, како што појасни, ги забрза сите процеси во поглед на вештачката интелигенција. Таа додаде дека компаниите во светот почнаа да прават анализа и да користат машинско учење да видат што се случиоло во историјата за да ја предвидат иднината.

-Сите компании почнаа да стануваат поиновативни, покреативни, сите компании веќе имаат голем број на податоци, огромна количина на историски податоци. Самата ковид ситуација придонесе до зголемена онлајн продажба. Сите веќе онлајн нарачуваме, купуваме и она што е интересно во позадина е машинско учење каде што нам ни сервираат што да купуваме, ни нудат реклами според нашиот вкус за тоа какви продукти бираме, додаде Ивановска.

Таа се осврна и на поврзаноста на вештачката интелигенција со растот на медицината. Како што рече, самата ситуација придонесе медицината да има огромен пораст. И вакцините, додаде, се благодарение на вештачката интелигенција.

-Последната година фармацевстката индустрија со помош на вештачката интелигенција пронајдоа вакцини, ги анализираа, тестираа вакцините и сега самите фармацевтски компании се натпреваруваат кој има подобра ефикасност и поголема заштита. Се е благодарение на вештачката интелигенција. Веќе одредување дијагноза на пациенти во Америка е многу нормална работа, рече таа.

Ивана Доневска извршна директорка на секторот за податоци и аналитика, USAA Enterprise AML, Чикаго САД на конференцијата посочи дека вештачката интелигенција е развиена, не е нов концепт. Таа додаде дека самиот бум настанал во компаниите Фејсбук, Амазон, Нетфликс…

-Тоа се огромни гиганти со огромни буџети кои можеа да си дозволат да експериментираат и го креираа тој еко систем за силиконската долина да се развие и да се експериментира. Вештачката интелигенција помага во развивање на бизнисите и многу е потешко да иочекуваме мали традиционални бизниси, некоја пекара да размислува во таа дирекција, треба да се знае од кој бизнис и која индустрија може да очекуваме вештачка интелигенција и каде е најпрактично да се примени но затоа има многу компании, многу стартапи кои се фокусираат на одредена нишка, додаде Доневска.

Во последно време, како што појасни, могу светски и американски регулатори се многу покомотни со вештачката интелигенција во различни функции, дури и во финансиски сектор.

Симона Атанасовска, раководителка на одделот за истражување и развој во Codewell AI на конференцијата рече дека вештачката интелигенција создава програми кои делуваат како да имаат човечка интелигенција, односно овие програми извршуваат задачи на ниво на способноста на еден човек, па дури и подобра.

Таа го наведе примерот со Deep Blue, чија што задача беше да игра шах на ниво на способноста на човек, а се покажа дека може да го прави тоа и подобро.

-Јас ја гледам вештачката интелигенција како интуитивно испрограмиран код, што му овозможува на хардверот да се однесува адектватно и да исполнува некоја функција која што на нас како луѓе ни е потребна. Од мое искуство, малку сме назад, локалните бизниси не се многу свесни што се може да се направи со вештачката интелигенција и кој е потенцијалот од нив, посочи Атанасовска.

Според Маја Милосавлевска Наумовска, директорка на одделот за техника во A1 Македонија, победата на Deep Blue има симолично значење, бидејќи, како што рече, од тој момент вештачката интелигенција најави дека со добри чекори се приближува на интелигенцијата на човекот.

-Вештачката интелигенција ги вклучува компјутерите во работи во кои што вообичаено бара некаков човечки интелектуален ангажман до тој момент, тоа значи дека за таа цел потребно е компјутерите да имаат можност за учење на нови работи, изработка на специјализирани и комплексни алгоритми со кои ќе направат класификација анализа на тие податоци, од истите ќе извлечат одредени заклучоци и препораки, и со тек на време ќе се подобруваат со цел да постигнат подобри предвидувања за иднината што треба да се направи во одредена ситуација, истакна Милосавлевска Наумовска.

Тоа е, како што рече, нешто слично како развојот на самиот човек од дете кон адолесцент.

-Во тој процес со собирање на искуства и знаења со текот на времето човекот станува попаметен кога ќе стане адолесцент. Ковид ситуацијата направи да и ние како СЕМОС едукација бидеме поиновативни во целиот овој процес, појасни Милосавлевска Наумовска на денешната конференција.


Администратор
08/04/2021 16:51