Судската власт изминатата деценија е постојано на тапет, критикувана, а секоја власт ветува реформи и ветинг, со цел да се врати довербата кон третата власт во земјава. Критиките на новинарите за транспарентноста на судската власт, вродија со создавање на Судско-медиумскиот совет. Работите се поместени од мртва точка меѓу судиите и новинарите, но има многу работи што треба да се испеглаат за подобра комуникација и достапност до информации. Во внатрешноста во земјава, односот на судската власт кон медиумите е шаренолик, но има судови, кои сепак се за пример. Штипскиот Основен суд веќе 15 години е еден од најтранспарентните судови во земјава. Традицијата на транспарентност и отчетност пред јавноста ја наметна судијата Стојан Михов, кој сега е во пензија, но неговиот однос кон новинарите и јавности го продолжија и останатите судии, кои беа назначени за портпароли, Сашко Ѓеорѓијев, кој сега е член на Судскиот совет, Јулијана Неткова и Катерина Миленковска.

За предизвиците, делењето на правда во време на пандемија, хроничниот проблем со недостатокот на судии, но и кои се решенијата во МИА интервју Ѓорѓи Андонов, претседателот на Основен суд-Штип со проширена дејност. Тој има 45 години, на оваа функција е веќе една година и шест месеци, а претходно беше дел од тимот на судии во кривичниот оддел. Забележува дека постои голема разлика во работата на еден судија и на еден претседател на суд со проширена дејнос.. Менаџирањето со најголемиот суд во Брегалничкиот регион за него е предизвик.

Граѓаните не веруваат во судската власт, покажуваат истражувањата и анкетите. Зошто е таа лоша перцепција, кон оваа власт, има ли виновници, кон кои може да се впери прстот?

– Многу ми и е жал, за таа лоша перцепција. Виновници никогаш нема да посочам, но секогаш велам дека ние треба да тргнеме од себе. Значи една самокритика, самоанализа ако направиме, причините прво треба да ги бараме внатре во судството, а потоа да ги бараме и објективните причини, кои се надвор од судството, а доведуваат до таа влошена перцепција. Имав прилика пред некое време да видам и една анализа, којашто е правена со помош на анкети во нашиот град, таму граѓаните одговараат дека гледаат неправилности и аномалии во судството, но огромен број од нив не биле присутни во судски постапки, туку своето мислење го формираат врз основа на перцепцијата, која се создава во јавноста, генерално. Сите знаеме дека во последните неколку години имаше повеќе судски постапки, коишто беа интересни за јавноста и сите тие процеси се рефлектираа на формирање на мислењето на граѓаните за судството, Мислам дека ние мора, а тоа и се прави да се отвориме кон граѓаните и да им ја прикажеме и другата страна на медалот и да видат дека не е се толку црно во судовите и оти во судовите се работи макотрпно и се решаваат огромен број предмети, како што знаете минатата година во штипскиот Основен суд се решени над 16 000 предмети. Тоа не е мала бројка. Наша интенција е да се отвориме кон јавноста и да ги добилижме судовите до граѓаните. Работиме на таа стратегија и резултат е и формирањето Судско-медиумскиот совет, од пред две години. Тој совет дава резултати.

Македонските судови и во време на пандемија не прекинаа да ја делат правдата и да решаваат предмети. Потребна беше реорганизација, за да се работи согласно здравствените протоколи и да се зачува здравјето на присутните во судниците. Како се снајдовте во новото нормално?

-Јас изразувам голема благодарност до сите судии и администрацијата, кои во услови на пандемија беа во судниците и успеавме да го зачуваме здравјето на сите. На почетокот, секако дека постоеше една состојба на шок, кај сите нас во општеството. Но, со тек на времето се адаптиравме и приспособивме. Јас како претседател, донесов и посебен протокол за однесување на странките и на вработените и правила за однесување на странките. Тие правила беа целосно имплементирани, се внимаваше на нивната примена и со таа организација на работа успеавме да спречиме опасност од поголемо ширење на вирусот. Морам да нагласам поради тоа што, како суд имаме само три судници, што е малку, имајќи го бројот на судии, на почетокот имавме проблем со организацијата на работата, но успеавме да адаптираме уште една просторија. Тоа е судската библиотека, којашто е поголема и во неа, сега се одржуваат рочишта. Направен е распоред, по којшто судиите влегуваат во судниците. Планираме да адаптираме и уште две простории за судници, а нашиот суд се наоѓа во судска зграда, во којашто има и други институции, а тоа е Апелациониот суд, тука се и Вишото и Основно јавно обвинителство и државното правобранителство, така да просторните можности, ни се тие коишто се, затоа мора да ги адаптираме и тие простории, за да бидеме уште поефикасни во решавањето на предметите. Морам да кажам дека доколку не постојат такви услови, постои опасност од одложување на некои рочишта, бидејќи канцелариите на судиите, во коишто понекогаш одржуваат рочишта се сепак мали и не ги задоволуваат протоколите.

Хроничен проблем на судовите е недостатокот на судии, не само во штипскиот, туку и во останатите. Тој проблем е околу една деценија. Најмладиот судија сте Вие со 45 години, а годинава во пензија заминува и еден судија. Зошто овој проблем се уште не е надминат?

– Одговорот не може да биде едноставен. Факт е дека со текот на времето и годините, бројот на судиите во сите судови, вклучително и нашиот се намалува, имајќи го предвид приливот и одливот на судии со нивното пензионирање. Нашиот број судии во моментов е 14 во Основниот суд-Штип, заедно со претседателот. Имаме уште двајца судии, коишто се избрани во нашиот суд, но на еден од нив му мирува функцијата, тоа е судијата Сашко Ѓеорѓиев, кој е член на Судскиот совет и судиката Марина Ѓеорѓиева, којашто е избрана минатата година, но е делегирана, како судија и постапува во Основниот суд во Берово. Ова го кажувам поради тоа што имаме потреба по оценка на надлежните органи да се делегираат судии во други судови, каде што ситуацијата е навистина алармантна. Вие, сигурно знаете дека судовите во Берово, Виница и Делчево на Апелационото подрачје на Штип функционираат со минимален број на судии. Така што судии од штипскиот, струмичкиот, кочанскиот суд се делегираат и постапуваат по предмети во тие судови. Оваа состојба не е настаната од скоро време, напротив се влече веќе можеби една деценија, наназад.

Но, како според Вас може да се реши овој проблем со недостатокот на судии низ државата. Притисокот врз судиите е голем, тоа се гледа и во годишните извештаи.

-Одговорот треба да го дадат надлежните органи, но и да се бара и во нефуинкционирањето на Академијата за судии и обвинители, во одреден период, ако се сеќавате имаше период, ако не се лажам од две години, кога воопшто немаше кандидати, дел од причините, колку што знам од јавноста беа и престрогите критериуми, коишто беа наметнати, како законско решение, кои подоцна се укинаа. Така да сега тој период се одразува и на работењето на судовите. Се надевам дека во скоро време, тоа ќе се реши и она што ние го дискутираме како судии е дека треба да се бара и определува квота на кандидати за судии на Академијата. При запуишувањето на кандидатите веќе да се определени на кое Апелационо подрачје би конкурирале, на тој начин секое Апелационо подрачје би имало сознание дека одреден број судии ќе бидат избрани на нивното Апелационо подрачје, а вака постои опасност, со сегашното законско решение да бидат избрани и во други Апелациони подрачја, иако да речеме се од Штип, Кочани, Струмица.

Колку судии недостасуваат на Основниот суд-Штип?

-Според утврдената бројка ние мораме да имаме 19 судии, но како што кажав моментално располагаме со 16, од кои 14 се во судот, јас како претседател сега оваа година не постапувам по предмети, минатата година постапував, со цел да ги растоварам колегите од одредени постапувања по предмети. Така што активни и функционални имаме 13 судии. Реално бројката би била пожелно да е поголема, впрочем и утврдениот број го кажува тоа и обемот на работа, којшто го имаме и сметам дека секогаш е подобро да се има повеќе судии и службеници, со цел поквалитетно решавање на предметите, бидејќи на тој начин не само што побрзо ќе се решаваат постапките, туку и ќе се решаваат многу поквалитетно.

Ја спомнавте судската администрација, дали и во овој дел имате недостаток?

– Toa е објективен проблем, како кај судиите, така и во судската служба доаѓа до природен одлив, значително е намален бројот на судски службеници во последните седум до осум години. Се работи на решаваме на овој проблем се одобруваат вработувања и повремено се надополнува судската служба со нови службеници. Но, реално е потребна поголема судска служба.

Потребна ли е модернизација на судството, за да бидат судовите потранспарентни, повидливи за јавноста?

-Апсолутно, да. Интенцијата на нашето правосудство, во овој момент е да се осовремени, дигитализира, на тој начин навистина ќе се постигне суштинска реформа во работењето на судовите. На сите досегашни средби, коишто ги имавме и преку Здружението на судии се истакнува таа потреба. Знам дека има напори и се прават, има и воља да се заокружи тој процес. Моментално во фаза се измени на повеќе процесни закони во делот на дигитализацијата и за можноста за онлајн судења. Паралено, со ова течат процеси на набавување опрема, очекувам до крајот на годината да имаме видливи резултати во овој дел. Дигитализацијата не претставува само онлајн судењата, туку тоа е и целосна интероперабилна поврзаност на сите институции, најпрви овде доаѓа поврзувањето заради доставата, со што би се намалиле трошоците и времето на проток на документи меѓу институциите, потоа поврзување во база на податоци, со одобрен пристап до таа база на податоци, употребата на електронскиот печат или електронскиот потпис и на тој начин пополека би се исфрлила хартијата и би се заштедиле огромни средства, а ние би работеле електронски и повторно ќе кажам се добива и на време и на пари и на ефикасност.

Во штипскиот Основен суд ќе има ли поголеми инвестиции?

-Ако мислите на поголеми инвестиции, еве желбата и намерата е да се приспобат уште две простории за судници. останатите инвестиции, коишто се предвидени не се од обем којшто би биле видливи до тој степен, како што на пример замена на вратите. Немаме поголеми барање за поголеми инвестиции, бидејќи зградата, како објект е завршена и во неа се врши тековно уредување во текот на годината.


Администратор
31/03/2021 11:32