Во салата „Парк“ во Струмица од петок до недела ќе биде одржан завршниот турнир во македонскиот одбојкарски куп во машка и женска конкуренција, а двојките беа одредени денеска со жрепка.
На завршниот турнир кај мажите, најтрофејниот македонски клуб во изминатата деценија Џио Струмица, ќе игра со третопласираниот состав во Првата лига, екипата на Вардар, додека Универзитет Тетово, за влез во финалето ќе игра против локалниот ривал Шкендија.
Пласман на завршниот одбојкарски куп во женска конкуренција обезбедија водечкиот квартет во шампионатот, Вардар жени 2019 ќе игра против Работнички Скопје, додека домаќинот Струмица жени за влез во финалето ќе треба да ја победи водечката екипа во лигата Јанта волеј Кисела вода.