Лејла Агиќ е една од најмладите пратенички во регионалниот бриселски парламент. Родена во Белгија од босански родители бегалци од војната, Агиќ денес ја води една од најтешките политички битки: признавање и казнување на сајбер насилството, на кое и таа самата е редовно изложена.

Во разговор за МИА, Лејла Агиќ објаснува што предлага за да се стави крај на овој феномен кој во 90 отсто од случаите ги засега жените и девојчињата и бара од Европската Унија да го сфати феноменот сериозно во своите преговори со големите социјални платформи.

Дали можете да ни објасните каков предлог закон поднесовте неодамна за борба против сајбер насилството?

-Во Белгија последниве години видовме сајбер насилство на различни нивоа. Прво во училиштата, насилство кое потоа продолжуваше на социјалните мрежи со драматични последици и деца кои беа доведени до самоубиство. Потоа видовме дека на Твитер жени што заземаа политички ставови, политичарки, активистки, новинарки, а денеска и научни експертки, се цел на брутални напади чија цел е навистина да ги спречи да учествуваат во јавните дебати. И конечно разни насилства кон жените кои се наоѓаат низ разни методи потоа на интернет, преку споделување на интимни слики, видеа, лични податоци. Феноменот ги засега и мажите и жените, но жените најмногу, 90 отсто од сајбер насилството е таргетирано кон жените, така што за нас беше важно да дадеме поддршка, рамка за тие жртви на сајбер насилство. Затоа што до сега, за разлика од сексуалното или семејното насилство, за што постојат структури за придружба на жртвите, за сајбер насилството немаше речиси ништо, или многу малку и неадаптирано на тоа што го бараат жртвите. Јас бев медијатор на една жалба што ја поднесов поврзана за сајбер насилство, по што бројни жени ми рекоа дека не наоѓаат начини, ресурси да бидат поддржани, придружени кога сакаат да се отстранат на пример интимни слики или да добијат поддршка за пријавување во полиција затоа што се плашат како ќе бидат примени во полициска станица. Оценивме дека е време да се воведат конкретни мерки во нашиот регион.

Какви конкретни мерки барате?

-За почеток сакаме да имаме единствен виртуелен и физички шалтер со сите потребни информации за жртвите на сајбер насилство, без разлика дали сакаат да пријават во полиција или не, но да се на располагање сите алатки на интернет, и потоа физички да имаат каде да се обратат ако им е потребна психолошка поддршка, или правна, да се отстранат информации од интернет. Втора работа е конечно да имаме јасни бројки за сајбер насилството за подобро да ги разбереме и анализираме. Но за жал во нашата земја, дали за сајбер насилство, дали за фемициди, сѐ уште немаме официјални бројки од државата, премногу сме зависни од работата на асоцијациите и организациите и покрај тоа што ова е едно од главните барања на Истанбулската конвенција што Белгија ја ратификуваше. И конечно треба да се обучат теренските чинители со кои ќе се сретнат жртвите, за овие лица да знаат како да одговорат на нивните проблеми. Во полициските станици денес има референт, лице обучено специфично за семејно и сексуално насилство, ова лице бараме да биде обучено и за сајбер насилство. Затоа што кога една жртва што доаѓа да пријави треба прво да објасни како функционира Инстаграм, а за неа е веќе тешко да дојде да пријави, ако треба и да го обучува информатички полицаецот, станува многу сложено. Бараме исто така да стане национален приоритет ова прашање.

Може да објасните во повеќе детали што се тие шалтери?

-Сега имаме центри за превенција за жртви на сексуални напади и многу добро функционираат. Имавме пилот – проект во Брисел и проектот ќе се продолжи во цела Белгија. И кога жртвата доаѓа во центарот ги добива веднаш сите потребни мерки: медицински анализи, психолошка поддршка, полицаец што доаѓа да ја запише пријавата и не треба да оди од една институција во друга за сите процедури и секој пат да го раскажува своето искуство и видовме дека многу добро функционира, дека жртви одеа на лице место дури и ако центарот им е многу подалеку од полициската станица, затоа што се чувствуваат побезбедно таму. И тоа е истата идеја за овој предлог, ист тип на шалтер но фокусиран специфично на сајбер насилство. Дали ќе зависи од некој државен институт или од полиција, не знаеме уште, тоа ќе биде на владата да ги прави конкретните работи, но во секој случај ќе биде од јавна природа или со државна поддршка.

Дали добивте поддршка од другите политички партии?

-Да, мислам дека предлогот ќе биде дорбо примен во бриселскиот Парламент. Мислам дека се свесни за овој феномен и дека е време да се даде конкретен одговор.

Има ли освестување во Белгија за сајбер насилството и како дојде до тоа освестување?

-И тука беше сложено да се објасни дека виртуелното насилство не е виртуелно и има многу реални последици врз здравјето и психата на жртвите, има и последици врз дебатите во општеството. Мислам дека тоа што ги освести луѓето е колку далеку оди феноменот. Видовме повеќе случаи на самоубиства кај деца жртви на сајбер насилство кои беа веќе мета на вознемирување во училиште и тоа вознемирување потоа продолжуваше цел ден и после школските часови, на интернет. Исто беше случај кога жени новинарки прозбореа јавно за тоа што им се случуваше на Твитер. И конечно важно е што овие предлози ги поднесуваат жени во Парламентот. Јас поднесов во бриселскиот Парламент, но знам и дека во другите регионални парламенти во Белгија се поднесуваат слични предлози и секој пат жени ги поднесуваат, затоа што речиси сите сме биле жртви на тоа сајбер насилство. Свесни сме дека постои и сме портпароли на таа загриженост затоа што сме присутни во парламентите и ги отвораме дебатите таму. Мислам дека тоа немаше да се случи пред неколку години кога жените, посебно младите жени, беа помалку бројни во парламентите.

Има ли солидарност меѓу политичарките без разлика на партиската припадност?

-Кога јас добив закани два-три месеци откако бев избрана и кога ги споделив јавно тие пораки за да ја сензибилизирам јавноста на темата, добив многу голема поддршка од други политичарки од сите политички партии, но и од мажи политичари. Гледаме во бриселскиот Парламент дека кога станува збор за правата на жените, за насилството против жените, успеваме да најдеме секој пат широк консензус за напреднување по тие прашања. Ова се прашања кои успеваат да ги надминат класичните партиски поделби.

Вие самата бевте мета на сајбер насилство, дали може да ни раскажете поточно со што се соочивте?

-Сум имала секаков тип напади. Прво како јавна личност и жена кандидатка сите профили на социјалните мрежи ми се јавно достапни. Од додворувања што се претвораат во навреди ако не одговорам, до вулгарни фотографии, на Твитер напади од екстремната десница секој пат кога заземам став, со јасни расистички и сексистички напади во пораките. На Твитер одлучив да ги блокирам тие лица без чувство на вина, не губам време и се заштитувам. Причината зошто решив да пријавам е кога видов дека на Фејсбук ми стигна порака: „Штета што немаш деца, така најлесно ќе беше, ќе ти ги киднапиравме“, но дека треба да продолжам да се плашам затоа што има и други начини. Лицето што ми се закани ја имаше и адресата на моите родители, ја напиша точната локација со закана за силување и физички напад. Тоа беше долго, секоја порака беше многу насилна. Ги откривам тие пораки од лице со кое никогаш не сум била во комуникација. Овие пораки ги добив на интернет, но тие луѓе живеат недалеку од мене, можам да ги сретнам на улица. Одлучив да пријавам и лицето на полицијата и рече дека ги испратило тие пораки додека било под влијание на дрога и алкохол. Можам утре исто така да го сретнам физички на улица додека е под дејство на алкохол и дрога. И што ќе се случи тогаш? Не постои виртуелното, сето тоа го живееме реално.

Како да се објасни на јавноста дека виртуелното не е одвоено од реалното?

-Некој ќе прочита статија за мене или за некоја моја политичка акција и ќе рече “колку е глупава оваа, русокоса е, па уште Лејла се вика“ и ќе имаме една комбинација на расизам и сексизам. Тоа лице ќе ја испрати пораката и ќе си продолжи со денот. Но јас ќе ја добијам таа порака и уште стотина други потоа. Како политичари сме одлучиле да се занимаваме со политика, но тоа не значи дека не сме луѓе, или дека немаме семејства кои ги читаат тие пораки. Треба да се објасни дека тие пораки имаат последици врз нашето ментално здравје, врз нашиот приватен живот и да се разбере дека од другата страна има вистински луѓе, мора да се објасни. Не смее да се рече дека тоа е нормално затоа што сме политичари, новинари, јавна личност и нормално е да добивам такви пораки. Не е нормално. Не го правиме тоа на улица. Нема зошто да се прави на социјалните мрежи.

До каде е вашата пријава за сајбер насилство?

-Пријавата стигна до суд, но уште нема судење, но во меѓувреме разбрав дека не сум единствена што добила такви пораки од тоа лице, сосема случајно открив. Дознав за уште најмалку две други жени. Сосема случајно открив, немаме никаква поврзаност една со друга. Прашање е колку други за кои не сме дознале се засегнати.

Дали во Белгија јавните обвинители се доволно обучени по овие прашања?

-Не се добро обучени во Белгија. Предвиден е пола ден обука за нив. Што е апсолутно ништо. Тоа е исто едно од нашите барања, да има многу повеќе обуки за тие прашања. Во Белгија мораме да го рефинансираме судството. Во Белгија денес пријава за сајбер насилство многу ретко носи судски резултати. Затоа што нашите судови се преоптоварени. Мислам дека мојата пријава стигна до суд затоа што разбраа дека е поврзана со други пријави. Можеби и фактот што сум пратеничка одигра улога, но ако не бев пратеничка се сомневам дека ќе стигнеше до суд.

Сметате ли дека ЕУ треба да одигра одредена улога?

-ЕУ мора да поднесе сериозни барања до сите платформи. Социјалните мрежи имаат огромна одговорност тука. Мислам дека сите сме имале блокирана или избришана објава за некоја глупост, а гледаме дека снимки од групни силувања остануваат со часови на социјалните мрежи, навреди, фактот што не може да се пронајде идентитетот на тие што напаѓаат, на тоа ниво навистина треба сериозно да се работи со Твитер, Фејсбук, Инстаграм. И тука ни е потребна ЕУ. Белгија сама да поднесе такво барање нема никакво влијание да има. На ниво на ЕУ тоа е веќе друга тежина.


Администратор
21/03/2021 13:15