Просекот од 4500 лица дневно евидентирани преку апликацијата за самопопишување на лицата во странство не е мала бројка, оценува директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски во интервју за МИА, кој вели дека се подготвени за спроведување на Пописот, кој има протокол и доколку максимално се почитува обезбедува заштита на учесниците и на целото население.

Потенцира дека засега се раководат според постоечкиот оперативен план и дека доколку се донесе одлука за одложување поради ковид пандемијата ќе ги почитуваат сите одлуки, кои, како што вели, не се на Државниот завод за статистика.

-Оваа одлука не е на Државниот завод за статистика. Доколку Комисијата за заразни болести оцени дека состојбата е таква и им препорача на Кризниот штаб и Владата и се донесат соодветни одлуки за одложување на Пописот, ние ќе ги почитувани сите донесени одлуки. Засега се раководиме според постоечкиот оперативен план, истакнува Симовски.

Активностите за Пописот почнаа со самопопишување на лицата кои се во странство. Процесот тече од 1 март. Досега се попишани околу 80 000 што е многу помала бројка од оние кои се комуницираа во јавноста претходно за број на иселени лица од земјава. На што се должи малиот одѕив на самопопишани, дали ќе се преземе нешто и како ќе влијае тоа понатаму?

Констатацијата „мал одѕив“ е релативна. Никој не знае со точност колкав е бројот на македонските државјани во странство. Просекот од 4.500 самопопишувања дневно воопшто не е мала бројка со оглед дека попишувањето трае до 21 април. Ги следиме иницијативите што се преземаат преку социјалните медиуми за поттикнување или одбивање на самопопишувањето и соодветно реагираме преку нашите официјални канали на социјалните медиуми. Исто така, и Министерството за надворешни работи презема опсежни активности преку дипломатско-конзуларните претставништва за комуницирање на пораките за поттик и охрабрување на сите македонски државјани во странство да се попишат.

Колку од бројката што е самопопишана е онаа категорија кои се испратени на работа во конзуларни претставништва, меѓународни организациии слично?

Овие податоци се криптирани заради дополнителна заштита и ќе се обработат и објават по официјалното завршување на сите пописни активности.

За десеттина дена ќе почне операцијата и за спроведување на Пописот на територијата на државата. Тече дополнителен повик за попишувачи. Дали сте подготвени за да излезете на терен и што доколку и по овој повик нема доволно попишувачи?

Точно е дека е објавен дополнителен повик за попишувачи во одредени пописни реони и сигурни сме дека ќе се јават потребниот број попишувачи. Доколку не сме подготвени за теренските активности, досега ќе беше објавено.

Пописот се спроведува во време на пандемија, подготвен е Протокол за заштита од Ковид 19. Дали сметате дека Протоколот обезбедува безбедност и на попишувачите и на граѓаните или треба да се воведе нешто дополнително?

Протоколот е темелно подготвен и ги опфаќа сите мерки што можат да се преземат во сите фази од подготовките и спроведувањето на Пописот. Сметаме дека со максимално почитување на пропишаните мерки ќе се обезбеди заштита и на учесниците и на целокупното население. Сепак, останува на совеста и свеста на секој од нас да ги почитуваме сите пропишани мерки, бидејќи само на тој начин можеме да се заштитиме и себе си и тие околу нас.

Доколку се влоши состојбата со пандемијата, бидејќи бројките се повеќе растат на заболени, дали тоа сепак би довело до одложување на Пописот планиран за април?

Оваа одлука не е на Државниот завод за статистика. Доколку Комисијата за заразни болести оцени дека состојбата е таква и им препорача на Кризниот штаб и Владата и се донесат соодветни одлуки за одложување на Пописот, ние ќе ги почитувани сите донесени одлуки. Засега се раководиме според постоечкиот оперативен план.

Сузи Котева Стоименова


Администратор
18/03/2021 23:22