Креативниот директор на Олимписките игри (ОИ) во Токио, Хироши Сасаки, поднесе денеска оставка поради навредливи коментари на адреса на познатата јапонска комичарка Наоми Ватанабе поврзани со нејзината телесна тежина.

Сасаки во разговор со членовите на својот тим рекол дека Ватанабе ќе носи свински уши на церемонијата на отворањето на Игрите, нарекувајќи ја коминичарката со навредлив прекар „Olympig“.

Сасаки, кој беше уметнички директор задолжен за свеченоста на отворање и затворање на Олимијадата, подоцна се извини и призна дека неговите коментари биле „голема навреда“ за Ватанабе.

-Моите идеи и коментари беа многу непристојни. Искрено им се извинувам и на неа и на луѓето кои се чувствуваа непријатно поради ваквите мои изјави, истакна Сасаки во соопштение што го лиферуваше Организацискиот одбор на Игрите во Токио.

Неговата оставка доаѓа само неколку недели откако поранешниот претседател на Организацискиот одбор Јоширо Мори беше принуден да отстапи од должноста поради сексистички изјави.

Триесетитригодишната Ватанабе е меѓу најпопуларните комичари во Јапонија и позната по тоа што заговара позитивен имиџ на телото. Последните години беше на чело на движењето „pochakawaii“,, што во превод значи „дебела и слатка“.


Администратор
18/03/2021 22:53