Потрошувачката на цвеќе за 8-ми Март годинава е намалена, потврдуваат цвеќарите присутни со своите производи во центарот на Кичево во изминатите три дена.
-За разлика од изминатите 10-ина години кога за Меѓународниот ден на жената – 8-ми Март, прометот беше многу поголем, а граѓаните купуваа поголем број примероци цвеќе за свои најблиски, роднини и пријатели. Годинава купувањето е многу селективно, ретко кој купува букет или цвеќе во саксија, претежно се купува по еден каранфил или ружа. И таа слика безмалку не следи во сите три дена, откако сме присутни во центарот на градот, вели Јасмина Софрониевска.
Слични искуства од овој 8 март имаат и останатите цвеќари.
-Економската криза како да ги натера луѓето и за 8-ми Март да купуваат помалку цвеќиња и да подаруваат крајно селективно. Нема како порано, со полни раце букети и цвеќе во саксија да се пазари, туку се купува редуцирано за строг круг на најблиски. За сите нас е кризно време и од овој промет мораме да бидеме задоволни, бидејќи годинава нема свадби, веридби и друг вид веселби и немаме редовна потрошувачка на цвеќе, вели Драган Николоски, цвеќар.
Граѓаните забележуваат дека цените за овој празник се многу повисоки од вообичаените и тоа ги присилува да купуваат помалку и само за најблиските од семејството.