Издавачката куќа „Темплум“ денеска во кафе-книжарницата „Буква“ ќе ги додели наградите од Третиот годишен конкурс за стрип „ЛИФТ“ за 2020 година, а ќе ја промовира и книгата ЛИФТ #3 во која се собрани сите пристигнати дела на конкурсот.

Оваа година главната награда ја доби Евгенија Трајковска за стрипот „Назад во 2019-та“ чија графичка приказна, како што соопшти „Темплум“, се издвоила од сите други според едногласниот став на жирито: Никола Гелевски, Јана Јакимовска и Владимир Битољану.

Второто место го делат три стрипа: „Можност“ на Климентина Соколовска, „Воена песна“ на Анастасија Зафировска и „Promise“ на Иван Коминовски.

Во книгата што ќе биде промоворана ќе бидат застапени и авторите од конкурсот: Теодора Крстевска, Стефана Димитриеска, Кристина Ѓорѓиовска, Кристина Таневска и Наталија Наумовска, Мирко Попов и Артур Попов-Кујача, Магдалена Јовеска, Сара Божиноска, Христијан Нашуловски, Надица Тренчева, Ева Дејановска и Евгенија Трајковска.

На настанот ќе се продаваат со попуст и петнаесетината досегашни изданија на едицијата графички новели „ЛИФТ“ од издавачката куќа „Темплум“.


Администратор
27/02/2021 10:26