Националниот директор на Здружението на граѓани СОС Детско село Јулијана Накова-Гапо и извршниот директор на М6 Едукативниот центар Елена Младеновска – Јеленковиќ потпишаа Меморандум за заедничка соработка за реализирање заеднички активности.

Како што соопшти денеска М6 Едукативниот центар, соработката меѓу овие две институции ќе биде насочена кон подобрување на севкупната социо-економска состојба во државата, особено на децата, младите луѓе и семејствата, преку создавање можности за континуирано учење и унапредување на професионалниот развој на поединци и групи, спојување со бизнис секторот, поттикнување општествена и индивидуална одговорност и филантропија.

Преку оваа соработка, младите поддржани преку програмите и проектите на СОС Детското село ќе бидат вклучени во програми за практикантство и вработување во компании со кои соработува М6, бесплатни обуки, креирање на семинари, размена на искуства и други практики проекти.

СОС Детско село во нашата земја веќе 20 години ги поддржува децата и младите без родителска грижа и посветено работи на полето на социјалната превенција зајакнувајќи ги семејствата во социјален ризик. Имплементира многу програми и проекти за деца и млади во социјален ризик, како и проекти за градење на капацитети на институциите и професионалците кои работат во системот на згрижување на деца без родителска грижа. Активно ги застапува и лобира за детските права, како и за промени во законските акти со цел создавање на поволна средина и пружање на најквалитетни социјални услуги.

M6 Едукативниот центар работи на креирање силна врска меѓу бизнисот, студентите и стартап заедницата со цел градење на долгорочна и ефективна соработка. Со своите нови програми М6 Едукативниот центар работи на поврзување на студентите со бизнис и стартап заедницата со цел нивно задржување во државата, како и зајакнување на соработката меѓу компаниите.


Администратор
26/02/2021 11:26