Синдикатот на полиција во Македонија денеска се пожали дека во изминатиот период свесно од страна на Одделот за правни работи, судски постапки и управување со човечки ресурси поединечно за вработени во Бирото за јавна безбедност, до Државната комисија за одлучување во управна постапка од работен однос, се доставуваат неточни и незаконски тврдења дека распоредувањата надвор од местата на живеење на работниците се законски и во согласност со Законот за внатрешни работи и Колективниот договор на МВР.
– Ова е посебно при распоредувањето на работници од една во друга организациска единица надвор од местото на живеење во спротивност со членот 107 од Законот за внатрешни работи. Бидејќи свесно и намерно Одделот за правни работи во МВР ги прекршува одредбите од Законот, а сето тоа резултира со долги понатамошни постапки до комисијата за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен конкретно до претседателката Даница Чадиева, неколку пати доставивме правосилни судски пресуди потврдени од апелациони судови каде е утврдено прекршување на постапките, изјави претседателот на Синдикатот Орце Коцевски на денешната прес-конференција одржана пред Јавното обвинителство.