Македонско научно друштво-Битола во програмските активности за тековната година главен акцент ќе има на големиот јубилеј – 100 години од раѓањето на великанот, академик Блаже Конески, истакна д-р Невена Груевска, претседател на МНД-Битола.

На прес-конференција таа посочи дека Македонско научно друштво-Битола како најстара научна организација во државата, подготви серијал академски настани за делото на Конески.

-Една наша идеја и манифестација е составен дел на Националната програма за одбележување на големиот јубилеј и ќе ја реализираме во соработка со Педагошкиот факултет при Универзитет „Св. Климент Охридски“-Битола. Станува збор за тркалезна маса на тема „Делото на Конески – постојан извор на истражувања во науката за јазикот, литературата и културата“. Но, во текот на годината ќе организираме литературни читања во чест на Конески, изложба со дела на Конески, работилница посветена на изучувањето на првото словенско писмо – глаголицата во чест на академик Блаже Конески, и во оваа прилика сакам да издвојам уште една наша активност како придонес во јубилејот, а тоа е одлуката што веќе ја донесовме, да испечатиме 1000 примероци од изданието речник и правопис „Ајде да зборуваме и пишуваме правилно македонски“ кое го изработи нашиот член, лектор и писател Здравко Божиновски, и ќе им го подариме на просветните работници од нашиот регион, истакна д-р Груевска.

Македонско научно друштво-Битола во текот на годината ќе организира и настани поврзани со здравството, грижата за здравјето на секој и стручни предавања, најави потпретседателот на МНД-Битола, д-р Сашо Кочанковски.

-Во програмата предвидовме повеќе стручни предавања за јавноста за „Зачувувување и унапредување на менталното здравје во време на пандемијата Ковид-19“, „Човечките ресурси – столб на здравствениот систем“, ќе организираме семинар за екологија и климатски промени, научно-стручна дискусија за еколошките кривични дела, климатските промени, правото на здрава животна средина, уништувањето на планетата Земја и Ковид-19, а најновиот број на стручно-научното списание „Прилози“ чиј издавач е МНД-Битола ќе биде на тема „Академски погледи и истражувања за борбата против Ковид-19“, посочи д-р Кочанковски.

Првата програмска активност во оваа година МНД-Битола ќе ја реализира утревечер со онлајн научно стручна дебата на тема „Родова еднаквост и заштита на жените од насилство: приоритет или предизвик?“ на која ќе учествуваат јавниот обвинител Фатиме Фетаи, Бојана Јовановска од Хелсиншки комитет за човекови права, Наташа Бошкова од Коалиција „Маргини“ и Фатма Бајрам Аземовска од здружението „Сумнал“-Битола.


Администратор
23/02/2021 15:50