Само неколку дена пред да биде испратен извештајот до УНЕСКО за напредокот во заштитата на охридскиот брег и справувањето со дивоградбите, граѓанската иницијатива Охрид СОС јавува за нова можна “узурпација“ на крајбрежјето. Имено, од Охрид СОС велат дека во прва зона или во рамки на појасот од 50 метри од Охридското Езеро, каде е забранета надградба или доградба на постоечките објекти и изградба на нови, започнале подготвителни активности за уривање на ресторанот „Парк“ и изградба на друг објект на истото место?! Оттаму тврдат дека имаат информации оти на местото на ресторанот било предвидено да се гради нов хотелски објект.

Од „Охрид SOS“ предупредуваат дека може да се случат и манипулации околу целата процедура на начин како што тоа се случи и со хотелот „Парк“ во непосредна близина, на чие место никна огромен станбен објект со узурпација на крајбрежјето на езерото.

Како што велат, во случајов станува збор за ресторан изграден некаде на крајот на 80-те години на минатиот век, сместен во месноста „Горица 1“ каде порано се наоѓал Паркот на лалињата, а кој е “дел од охридското архитектонско наследство на 20 век чиј габарит и висина беа вклопени во опкружувањето?“

Според постоечката документација со која располага „Охрид SOS“, објектот се наоѓа во рамките на катастарската парцела 5972/3, дел од катастарска општина Охрид 4. Во податоците за објектот стои класа А2-1 што според Правилникот од најновиот Закон за урбанистичко планирање е „мали станбени згради до 10 станбени единици слободностоечки“. Класа А2 се станбени згради и сигурно немало драстични измени во класифицирањето и според старите закони.

“Со право стравуваме, имајќи предвид колкав беше по обем и висина некогашниот хотел „Парк“ а колкаво здание се издигна потоа, узурпирајќи го брегот и некогашното пристаниште пред хотелот (како јавен простор), а дополнително користејќи државно земјиште каде што се базенот и игралиштата, за што досега не сме добиле информации од институциите на каков начин и под кои услови им е отстапено на користење“, посочуваат од иницијативата „Охрид SOS“.

Тие исто така додаваат дека ќе побараат дополнителни информации од надлежните институции.


Администратор
23/02/2021 01:57