Обвинетиот Сашо Мијалков редовно се јавуваше на сите рочишта, доколку во петокот, по завршување на рочиштето, Обвинителството побараше притвор, ќе се протолкуваше како прејудицирање на пресудата, изјави вечерва шефицата на Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал Вилма Русковска во емисијата 360 на телевизија Алсат.

За тоа зошто Обвинителството не побарало притвор во петокот, по завршување на рочиштето за „Таргет-Тврдина“, Рускоска рече дека постојат две причини.

– Првата е што немавме законска можност, затоа што обвинетиот Сашо Мијалков ги почитуваше превентивните мерки кои му беа определени од судот, а исто така редовно се јавуваше на сите рочишта. Втората, многу поважна, причина е тоа што, доколку во тој момент Обвинителството побараше притвор, можеше и ќе се протолкуваше како прејудицирање на пресудата, изјави Русковска.

Додека Судот не ја објави пресудата, посочи Русковска, секој е невин.

Посочи дека во саботата после 12:30 часот на пладне, откако добила оперативна информација од нејзин личен извор дека е можно бегство на Мијалков, остварила контакт со министерот за внатрешни работи кој и рекол дека ќе ги провери сознанијата кои ги добила.

– Некаде по 15 часот, не знам точно, ми се јави министерот и ме замоли она што по телефон сум му го кажала, да го напишам на писмено и да му го доставам. Јас истото го сторив и доставив известување. Сега не знам дали беше 16:30 или 17 часот, не обрнував внимание на тоа и некаде по 22:30 часот, ми донесоа известување од полиција, односно истото известување кое јас им го пратив само со додадени генералии на обвинетиот Мијалков. Јас се јавив на директорот на полиција, го прашав дали оствариле контакт со Агенцијата за национална безбедност и дали тие имаат некои сознанија при што директорот ми кажа дека Агенцијата за национална безбедност нема сознанија за бегство на Сашо Мијалков. Се слушнав и со Републичкиот обвинител и тој ме праша колку ми е сигурна информацијата. Јас реков дека тоа ми е оперативна информација од мој личен извор. И се договоривме да видиме следниот ден. Потоа во комуникација со Јавниот обвинител на Македонија се обидов да го најдам, да стапам во контакт со мојот извор, да прашам колку е сигурна информацијата. Со истиот успеав да се слушнам дури околу пладне при што сега не можам да откривам детали, но на скала од 1 до 10, информацијата е некаде 7, рече Рускоска во интервју за “360 степени“.

Рускоска не сакаше да шпекулира каде е пропусот, но отфрли каква било одговорност на Обвинителството. Истакна дека за неа како обвинител и како човек е страшно што бегствата се повторуваат.


Администратор
23/02/2021 01:13