Сакаме да имаме туризам, а енергијата ја насочуваме на погрешна страна. За да имаме туризам, потребни се дијалог, визија и стратегија за реализирање на визијата, време за посериозни подготовки на квалитетен и на професионален настап, иницијативи и брзо дејствување. Но, најважно од сè е тоа да го спакуваме во убава приказна за македонската туристичка атракција и успешно да ја продаваме на пазарот. Денес иницијативи има, но, сепак, недостига примена и реализација на активностите, смета претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески.

Во денешна анализа објавена на веб страницата на Комората, Азески забележува дека „еклатантен пример за нашето неодговорно и непрофесионално однесување е меѓународниот пат Охрид – Свети Наум, кој поврзува две држави кои претендираат да бидат членки на ЕУ“.

-Изграден кон крајот на шеесеттите години, и денес претставува сериозна опасност за секој патник, за секое возило и пример за човековата негрижа, за што никој не одговара. Целината на трасата не е променета 50 години, освен со два исклучока, со кои, практично, е задржан костурот на неговата почетна градба. Широк само 5,5 метри, подјаден од сите страни, со што неговата ширина не изнесува ни 4 метри, со неколку свои нерамнини, бил причина за смртта на многу невини луѓе, за уште поголем број повреди и за огромни материјални штети. Нема поголема негрижа од тоа непрегледноста на патот да може да биде решена со получасовна интервенција на една обична градежна машина, а да не се направи тоа, наведува претседателот на Комората.

Тој изнесува и неколку иницијативи за развој на туризмот, насочени конкретно кон Охрид. Предлага охридската Гимназија да стане претседателска резиденција, како и да се обнови Длабокорезбарската школа во Охрид.

Азески порачува и дека во Охрид има одлични услови за развој на здравствениот туризам, односно дека потенцијалот во овој сегмент воопшто не е искористен.

-Во срцето на Охрид се наоѓа охридската Гимназија.Нејзината изградба почнала во 1908 година, според фотографија од француска зграда во неокласицистички стил. Мојата иницијатива е ова прекрасно здание да стане претседателска резиденција што ќе овозможи поголема пристапност и ќе може да се вклучи во туристичките претставувања на градот, како што е во секој значаен центар, чии резиденции се наоѓаат на централните локации. Денешната претседателска резиденција се наоѓа далеку од центарот на градот, скриена од јавноста, непристапна за заинтересираните туристи кои сакаат да ја видат, чувана од голем број лица, а толку малку користена за целта за која е изградена, наведува Азески.

Според него, Охрид се наоѓа на границата на две држави кои претендираат за влез во ЕУ и ако се отворат границите, тоа може да биде потенцијал за привлекување странски пациенти, што ќе биде додадена вредност за економски развој на државата.

Охрид во осумдесеттите години, потсетува Азески, можеше да се гордее со неколку специјализирани болници, кои беа почетокот на здравствениот туризам. Покрај општата болница, постоеше и специјализирана болница за ортопедија и трауматологија, во која оперираа неколку врвни здравствени авторитети од светот, предводени од нобеловецот д-р Илизаров, најпознат во светот по методот за продолжување на екстремитетите кај децата. Постоеше и Завод за рехабилитација за срцеви заболувања, како и Специјализирана установа за детски заболувања.

-Ако на тоа се додадат и Центарот за нефрологија, на 10 минути од Охрид, и Болницата за белодробни заболувања во Отешево, на 30 минути од Охрид, слободно можам да кажам дека таква концентрација на специјализирани здравствени установи немаше никаде на просторите во СФРЈ. Денес, дел од нив, егзистираат на работ на рентабилноста. Немаат врвни светски имиња, немаат странски пациенти и, нормално, немаат девизи. Но, има пример што може да се обнови, пишува во анализата претседателот на Стопанската комора.


Администратор
22/02/2021 16:46