Министерството за безбедност на САД издаде денеска итно предупредување на опасност од евентуален домашен тероризам, односно насилство од страна на противниците на администрацијата на новиот американски претседател Џо Бајден.

Властите не наведуваат конкретна закана, но укажуваат на „атмосфера на зголемена опасност низ САД“, за која веруваат дека ќе „опстојува“ во следните недели.

Министерството наведува дека пред издавањето на предупредувањето се консултирало со безбедносните и разузнавачките агенции за можност од домашен насилен екстремизам.

– Информациите покажуваат дека некои идеолошки мотивирани насилни екстремисти, кои не се согласуваат со оваа власт, ниту со предавањето на власта во Белата куќа, би можеле да продолжат со мобилизација со цел поттикнување насилство или насилни дејствија, се наведува во предупредувањето.

Американските власти го издадоа предупредувањето во момент на тензична атмосфера, три недели по упадот во Конгресот на САД од страна на приврзаниците на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, незадоволни од изборните резултати.


Администратор
27/01/2021 23:36