По повод Меѓународниот ден за сеќавање на Холокаустот – 27 јануари, Институтот за духовно и културно наследство на Албанците (ИДКНА), во соработка со невладината организација „Акта нон верба“, денеска ги промовираше мемоарите на Шела Алтарац, насловени „Изгубено детство“.

Шела Алтарац е родена во Штип, од каде заедно со сите штипски, битолски и скопски Евреи била депортирани во „Моноплот“ во Скопје, но не завршила во нацистичкиот логор Треблинка заедно со останатите, туку успеала да побегне и да го преживее Холокаустот. Книгата „Изгубено детство“ е објавена на четири јазици – македонски, албански, англиски и иврит (хебрејски).

„Изгубено детство“ е збирка на искуства, напишани во форма на евокации. Во оваа книга со мемоари детално се опишани страдањата на Шела и нејзините искуства со локалните жители на Косово, кои ја засолниле. Во центарот на приказната на оваа книга се наоѓа Шела, родена како Рашела Сион, во1934 година во Штип, од татко Дејвид и макја Дудун. Таа топло го опишува животот од детството во традиционално и богато семејство. Шела, која била најмладата жена во куќата, била третирана како принцеза, добивајќи бескрајна љубов и топлина од сите членови на семејството.

– Но, оваа семејна топлина се распадна утрото на 11 март 1943 година, кога германски и бугарски војници ги посетија домовите на сите Евреи во градот Штип. Шела се сеќава на тешките стапки на чизмите на војниците, страшното тропање на нивната врата и стравот што ги зафатил сите за момент. Војниците викаа гласно, наредувајќи им да се облечат брзо, да земат што помалку работи, особено скапоцености и што побрзо да излезат на улица и да застанат во ред, сите штипски Евреи, кои се обележани со жолта ѕвезда. Сето ова беше спроведено како дел од операцијата која беше многу внимателно осмислена и испланирана, од причина што сите Евреи беа натоварени во вагоните со возови, во големата фабрика наречена „Монопол“ во Скопје, која сега ќе служи како концентрационен логор за нив. Но, тука се случува и разделбата на семејството на Шела, бидејќи таа и нејзината сестра Бела успеваат да ги преминат жиците на логорот и да се сокријат некаде во близина, од каде што виделе како Евреите од логорот, вклучително и членовите на нивното семејство беа натоварени на товарни вагони, за потоа да бидат испратени во озлогласениот логор Треблинка, истакна директорот на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците, Скендер Асани на денешната промоција.

Маката на двете сестри започнува од моментот кога тие ќе решат да го напуштат Скопје и да заминат во Приштина, каде што сестрата на Шела, Бела била во брак со жител на овој град, кој имал италијанско државјанство.

Во јануари 1944 година, сестрата на Шела, Бела, реши да го заврши својот живот пиејќи отров, со што ќе се стави крај на сите нејзини страдања. Шела, која ја видела смртта на нејзината сестра, останала и со дополнителна рана во срцето. Во 2006 година, Шела се вратила во Приштина, за да го бара и да го посети гробот на нејзината сестра. Оваа книга со спомени доловува долга низа драматични настани, почнувајќи од Штип и завршувајќи во Ерусалим, каде Шела и нејзиниот сопруг Брацо основале семејство од три деца и 10 внуци.

Асани рече дека приказната на Шела како напуштено дете, што доаѓа во оваа книга, која ги изгубила сите членови на своето семејство и останала сама за време на периодот од Втората светска војна, до нејзината емиграција во Израел, е жив тестамент на човечката меморија што нè прави свесни за последиците од трагичните настани во животот на луѓето.

Првиот вицепремиер Артан Груби на промоцијата потенцира дека ние кои доаѓаме од поранешна Југославија подобро знаеме што значи да се доживее таков период. Тој рече дека нивна задача како политичари е да градат вистинска демократија.

– Граѓанинот треба да биде над сите поделби и припадности. Секој поединец е свет и тој треба да ги има сите слободи и права. Настаните како што е овој денеска уште еднаш не потсетуваат дека хуманизмот е главното наследство што мора да и го оставиме на идните генерации. посакувам спокој во душата на секого и нека холокаустот не потсети на градењето на подобар свет, рече Груби.

Генералното собранието на Обединетите нации во 2005 година со резолуцијата 60/7 го прогласи 27 јануари за Меѓународен ден на сеќавање на жртвите од Холокаустот. За време на Холокаустот беа убиени над шест милиони Евреи, од кои 7144 од Македонија.


Администратор
26/01/2021 15:37