Речиси 50 проценти од земјоделците од кумановско кои аплицирале преку програмата за рурален развој добија решенија за одобрување на трактори од Програмата за рурален развој, информираа денеска надлежните од Агенција за поттикнување на развојот на земјоделството, регион североисток Куманово.

На јавниот повик што беше објавен од страна на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој од кумановско аплицирале над 40-тина земјоделци од овој крај, а од нив повеќе од 20 веќе имаат добиено решение за одобрување на трактори од оваа Програма и сега се во фаза на набавка на механизација.

– Дел од нив веќе ги купија тракторите, некои собираат документи за барање за исплата, тој процент што треба да се кофинансира од државата. Од документите, потребно е барање за да се пушти да им се вратат средствата на сметка од буџетот на државата. Ова е 50-50 финансирање. Но, во кумановско ниту еден не доби со 50 проценти, сите се 55, 60,70 и 75 проценти кофинансирање од државата, што зависи од капацитети, возраст, пол, услови, ако е погранична зона, рурални средини што се од повисоки нивоа, над 700 метри висина. Ние како советодавци на агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството можам да кажам дека сме задоволни затоа што повеќе од 50 проценти од апликациите се прифатени, сето тоа е плод на наша работа со земјоделците, изјави раководител на регион североисток, Куманово Џабир Рамадани.

Според Рамадани, важно е да се модернизира земјоделското производство, да се исполнат европските стандарди. Тој појаснува дека преку посебен закон за добра земјоделска пракса се исполнуваат стандардите за да се добие механизација.

– Тие работи бараат труд, земјоделецот мора да се ангажира, да ги постигне условите и ако му направиме деловен план веќе сме и сигурни дека ќе добие, дека ги исполнува условите. Пари редовно има и од буџетот на државата преку програмата за рурален развој и од ИПАРД програмата. Би било многу добро земјоделците што повеќе да се зафатат за тоа да ги исполнат минималните услови, се е можно само што треба ангажирање и во соработка со нас како советодавци, даваме насоки, совети, информации како и до кое ниво треба да исполнат, појаснува Рамадани.

Фармерите откако ќе го добијат тракторот обврзани се да ги обработуваат земјоделските капацитети, наредните пет години согласно предвиденото во деловниот план при апликацијата или техничкиот проект. Тракторите не смеат да се отуѓуваат и наредните пет години мора да се користат за обработка на своето земјиште.


Администратор
23/01/2021 18:00