Кумановци можат да ги разгледаат делата на уметницата Марина Цветановска Мартиновска во Уметничката галерија од нејзината последна изложба насловена „Напречно црвено низ празното“. Изложбата како што изјави авторката, претставува пресек од нејзиното творештво во изминатите 20 години.

– Обединува дела кои ги поврзува заеднички концепт, идеја. Односно поврзувањето на празен волумен, просторот, црвено како линија, ритам, рече Цветановска Мартиновска.

Заедничката нитка – ракописот низ делата е присутен во различни медиуми на изразување како скулптури, објекти, цртежи, слики и инсталации. Дополнително тука е и видеопрезентација од делата, обединети со текст на кураторот на изложбата Ана Франговска и музичка изведба и аранжман на пијанистката Билјана Петровска

– Изложбата ќе биде презентирана и во Скопје, најави уметницата Цветановска-Мартиновска.

Марина Цветановска-Мартиновска, во 2005 завршила постдипломски студии по вајарство на ФЛУ под менторство на проф. Станко Павлески. Член е на ДЛУМ од 2000 год. Вработена како ликовен педагог во ОУ „Браќа Миладиновци“ Куманово од 2001 година. Досега учествувала на бројни групни изложби, колонии во земјава и странство. За својата активност, особено ликвно педагошката, во периодот 2001-2020 година добитник е на преку 150 награди (општински, државни и меѓународни).


Администратор
22/01/2021 14:39