Санацијата на „Искрин Мост“ се одвива побрзо од предвидената динамика, констатираа при денешниот увид на градежните активности, министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, директорот на ЈП за државни патишта, Ејуп Рустеми и заменик министерот за транспорт и врски, Беким Реџепи.

Инвестицијата на мостот долг, 355 метри изнесува околу два милиони евра. Досега се санирани четири столба, а во моментов се врши санација на три столба на мостот што се наоѓа во близина на кумановско Доброшане и еден од најдоглите мостови на регионалниот пат Куманово-Свети Николе и поврзува повеќе општини.

Министерот Бочварски истакна дека капиталните проекти остануваат приоритет на Владата и за годинава, потенцирајќи дека лани сезоната била успешна и покрај кризата со 80 проценти реализација на капитални проекти во ресорот.

– Слободно можеме да истакнеме дека со градежништвото заедно со сетот на економски мерки што ги донесе Владата, успеавме да го амортизираме големото влијание од здравствената криза и како резултат на тоа да ги зачуваме работните места во градежните компании. За оваа година планираме уште позасилени инвестициони вложувања во целокупната инфраструктура во државата. Оваа инвестиција на овој од речиси два милиони евра на Јавното претпријатие за државни патишта и реконструкцијата на овој мост е доказ за успешната реализација на капиталните проекти, изјави Бочварски.

На ниво на државата, рехабилитирани се единаесет мостови на државни патишта, во моментов се работи на три мостови меѓу кои и „Искрин мост“.

– Тоа што е многу важно а што сакам да потенцирам е дека оваа година продолжуваме со силна инвестициона активност во целокупната инфраструктура во државата. Планирани се преку 200 милиони евра инвестиции во патната инфраструктура. Продолжуваме со рехабилитација и изградба на автопатските делници, експресните патишта и преку ЈП за државни патишта предвидени се рехабилитации на значителен број на магистрални и регионални патни правци, истакна Боварски.

Тој најави дека ќе се рехабилитираат локални патишта и улици, значајни за општините, проект преку Светска Банка во вредност од 70 милиони евра, а за железничкото поврзување истакна дека објавен е тендерот за изградба на двете фази од пругата Куманово- Бељаковце -Крива Паланка..

– Знаете дека Владата донесе одлука првата и втората фаза од делницата да бидат споени и да се градат заедно заради побрза и поефикасна изградба. Јавниот повик за предквалификација трае до 4 февруари. Според правилата на Европската банка за обнова и развој, сите компании кои ќе се квалификуваат ќе можат понатаму да продолжат со тендерската постапка. Веруваме дека оваа година конечно ќе дадеме силен инпут во реализација на овој значаен регионален проект, нагласи министерот.

Во однос на гасификација, посочи, планирани се нови магистрални делници и интерконектори. За 2021 година, најави министерот, преку Министерството за транспорт и врски планирани се 25 проекти за изградба или реконструкција на водоводна и канализациска мрежа со вкупна вредност од 12,7 милиони евра.

– Приоритетите на Владата се јасни и недвосмислени, во нашите клучни приоритете се посилна, поразвиена инфраструктура, подобро поврзување внатре во државата, но и со останатите држави од регионот, потенцираше Бочварски.

Директорот Рустеми рече дека овој мост е најдолг во државата, нагласувајќи дека не е саниран 50 години и бил во исклучително лоша состојба. Санацијата, истакна директорот, се одвива побрзо од предвидената динамика и изрази надеж дека санацијата ќе заврши предвреме.

– Јавното претпријатие од својот буџет издвои 1, 9 милиони евра и минатата година на почетокот на јуни им ја довери работата на изведувачот „Синтекс Инжињеринг“ Скопје и надзор на работите „Геинг“ Скопје, кои започнаа со санацијата на мостот и до овој момент сме задоволни од темпото на работата. Согласно договорот, рокот за изведување е 24 месеци, односно, предвидениот рок е јуни 2022 година, изјави директорот.

Целосно се санирани четири средни столба, во тек е санација на три столба, се зајакнуваат главните челични носачи. Мостот има осум средни столба чија висина е 20 метри и два крајни. По зваршување на долниот дел, ќе следи работа на горниот строј, змаена на лежишта, зајакнување на коловозна лента, спојници, хидроизолација, нови тротоари, ограда.