Градоначалникот на Валандово Перо Костадинов го потпиша договорот за јавно партнерство со чешката компанија „ИЦС Системи”, која преку својата подружница во Охрид, наредниве години ќе го модернизира и одржува јавното улично осветлување во општината.

Договорот предвидува во општина Валандово на 1800 сијалични места да се изврши замена на старите со нови енергетски ефикасни ЛЕД светилки кои на годишно ниво треба да ја намалат емисијата на штетни стакленички гасови за околу 425 тони и да овозможат околу 50 отсто заштеда на средства, велат од општината.

– Договорот го потпишавме на период од осум години во кои општинската грижа за јавното осветлување целосно и ја препуштаме на партнерската компанија која,покрај замената на светилките, ќе врши и санирање на настанатите проблеми и дефекти, а по истекот на договорот, опремата и електричната заштеда ќе ги остави во сопственост на општина Валандово, вели градоначалникот Костадинов.

Без да се зголеми цената на јавното осветлување, обврската кон компанијата која ќе го изведува и финансира проектот, општина Валандово ќе ја врши исклучиво од заштедените средства.