Коментирајќи го суштинскиот проект на Владата на Република Македонија, недела да биде неработен ден, министерката за труд и социјална политика во гостувањето на Телевизија 24 истакна дека не се откажуваат од оваа идеја, но оти имплементацијата нема да започне додека трае пандемијата.

Новата драфт верзија на законот предвидува овој ден да биде неработен со исклучок на одредени дејности кои поради типот на работата не можат да го прекинат работниот процес. Овие дејности ќе бидат таксативно наброени во законот.

– Во услови на пандемија во ниту еден момент не сакаме да почне имплементацијата на ова решение. И првичната драфт веризија на законот е дека неговата примена ќе биде по завршување на пандемијата. Работиме на законските решенија за недела – неработен ден. Направивме две драфт верзии на законот, и дојдовме до заклучоци споредбено со земјите каде веќе недела е неработен ден. Мораат да се молзат кравите во недела, за да има млеко од понеделник. Јасно е дека треба да има надомест за работа во недела, но постојано се јавуваат дејности кои се засегнати од оваа дебата. Треба да го дефинираме сето ова, со оглед на тоа дека треба да има ослободени од работа во недела, но има и неопходни дејности кои мораат да работат и во недела, истакна Шахпаска.