Претставата „Пасивно пушење“ од Небојша Ромчевиќ, во режија на Ненад Витанов, утре во 15 часот ќе биде премиерно изведена во Народниот театар Штип. Комедијата за Македонец кој заглавува на аеродромот „Шарл де Гол“ во Париз заради кутија со сарми, ќе може да ја видат само 35 гледачи со заштитни маски, во сала со 182 седишта.

Директорката на Центарот за култура „Ацо Шопов“-Штип Кате Мишева рече дека претставата е од ланскиот репертоар, премиерно била одиграна, но не пред публика. Утре ќе имаат публика по пауза од неколку месеци.

-На моите актери им недостасува публиката, тие се постојано на работа, спремаат претстави, но поради пандемијата публиката не може да го види она што го работат на сцената. Се надевам дека ова наскоро ќе заврши, па ќе се вратиме и во нормала, истакна Мишева.

Режисерот Витанов рече дека „Пасивно пушење“ е комедија која ќе ја насмее публиката, а посочи дека во услови на пандемија вработените во државните културни институции немаат проблеми од финансиски или креативен карактер, но тешко е да се работи без публика. Прашан за поставувањето на претставите на интернет-платформите, Витанов одговори дека тетарот и сите изведувачки дејности се случуваат во живо.

-Луѓето плаќаат влезница за да се социјализираат. Театарот никако не може да го замени филмот, ниту филмот може да го замени театарот. Уште пред доаѓањето на филмот пред сто и нешто години, сите мислеа дека театарот, операта, балетот ќе изумрат, но не изумреа. Изведувањето во живо, човек пред човек, е нешто незаменливо и тоа не може да го замени ниту една интернет-платформа, ниту видео, ниту јутјуб, 3Д снимено… Тоа не го заменува она што се случува во живо, во моментот, човек со човек, истакна Витанов.

Актерите Владимир Тулиев, Пеце Ристевски и Миле Вратеовски ја поканија публиката да доаѓа на претставите кои ќе бидат на репортаорот и ќе се играат согласно здравствените протоколи и се надеваат дека наскоро, со имунизацијата, широко ќе се отворат вратите на театарот.

Во претставата играат и Кристина Атанасова-Арсова и Марија Минчева-Андонова, Сценографијата е на Филип Витанов, а драматург е Габриела Тулиева.


Администратор
15/01/2021 16:20