Португалскиот град Порто е на прво место според листата „Смол сити индекс“, за релативно мали градови кои се доста погодни за пристоен живот. Рангирањето е составено од британското списание „Монокл“ и опфаќа 25 градови.

Тука се проценуваат градовите со население до 250.000 луѓе од целиот свет според пет критериуми: пристапност до превозот во градот, ефикасност на управата (колку градоначалникот ги слуша жителите), пријатноста на граѓаните кон нови соседи, „зелена“ инфраструктура (паркови, плоштади во градот) и можности за развој на бизнис.

Порто се искачи за осум места за една година, и тоа, пред сѐ, благодарение на помошта на тамошните власти за претприемачите во периодот на карантинот. Покрај тоа, Порто е една од стопански и индустриски најразвиените области во земјата. Во истовреме, местото е удобно за живеење и е блиску до океанскиот брег, како и до соседна Шпанија. Како дом на околу 220.000 жители, градот отсекогаш бил „деловното срце“ на Португалија.

Второто место му припадна на белгиски Левен – главен град на покраината Фламански Брабант. Иако е на само 20-минутно возење со воз од Брисел и меѓународниот аеродром во главниот град, ова живописно белгиско гратче со малку повеќе од 100.000 жители има млада популација со глобален светоглед. Левен е дом на еден од најстарите и најпознати универзитети во Европа. Секторите за иновации и технологија напредуваат, а населението опфаќа 171 националност. Идеите на градоначалникот Мохамед Ридуани за урбанизам и силните идеи за одржливост му помогнаа на градот да ја добие титулата – европска престолнина на иновациите за 2020 година.

Јапонскиот град Итошима е трет. Сместен на западниот крај на префектурата Фукуока, Итошима е град со околу 100.000 жители, кој нуди одличен квалитет на живот поради неверојатната пристапност и до природата и до урбаниот живот. Познат е по својата кујна – по свинското, телешкото и пилешкото месо, како и органските земјоделски производи. Тука напредуваат млади фармери и мали бизниси.

Меѓу претставниците на Европската Унија, во првите десет се наоѓаат италијанскиот град Болѕано и дански Алборг.


Администратор
13/01/2021 21:00