Општина Маврово и Ростуше, во текот на минатата година, доделила 33 ваучери, односно еднократен паричен надоместок за новородени деца.
Споредено со претходната година, доделени се пет ваучери повеќе.
– Врз основа на Програмата за здравствена, социјална заштита и заштита на деца, со едногласно донесената одлука на Советот на општината на секое новородено дете му се доделува еднократен паричен надоместок во висина од 5.000 денари. Лани беа доставени 33 барања и толку и се реализирани. Ваучери за новороденчња ќе доделуваме и годинава. Во овата година се уште немаме новороденче, изјави за МИА, Илбер Имероски од Општина Маврово и Ростуше.
Посочува дека еднократна парична помош, се доделува само за новороденчиња на семејства кои живеат постојано на територијата на Општината Маврово и Ростуше но не и на семејствата кои потекнуваат од овој крај а живеат и работат во странство или во друга општина.
За првпат ваква одлука беше донесена во 2018 година, од кога се доделени 112 ваучери, за што се потрошени средства во вкупен износ од 560.000 денари.
Општината Маврово и Ростуше опфаќа 35 населени места, дел од нив се целосно иселени а согласно последниот попис од 2002 година има вкупно население од 8.618 жители.
Пред миграцискиот бран кој општината ја зафати по деведесеттите години од минатиот век бројот на населението бил двапати поголем. Една цела ако не и побројна заедница на жители од оваа општина се во Германија, Швајцарија и Италија. Дел од поранешните жители на оваа општина мигрирале и во Гостивар,Тетово и Скопје.