Крак од одводен канал во горниот дел на градот е претворен во депонија и узурпиран e од несовесни граѓани, соопштија денес од струмичкото комунално претпријатие.

-Екипи од ЈПКД „Комуналец” излегоа на терен и почнаа со отстранување на сметот и чистење на каналот, како и со чистење на помошните решетки кои служат за побрзо собирање на надојдените води во одводната мрежа. Со тоа се спречуваат поплави во долните, но и погорните делови на градот, информираат од „Комуналец”.

Оттаму апелираат до граѓаните, посебно до оние кои живеат во тој дел на градот, сметот да не го фрлаат во или околу каналите, бидејќи нивното неодговорно однесување предизвикува штети и поплави.

Ги потсетуваат граѓаните дека е отворен бесплатен телефонски 13-110, кој работи 24 часа и на него граѓаните можат да ги пријавуваат сите дефекти на водоводната и канализациската мрежа како и проблемите од јавна чистота. На овој број можат да се јават и граѓани кои имаат потреба од подигање на шут, градежен отпад, гранки од дрвја и друг цврст отпад.