Ерозија на земја поради интензивните врнежи од дожд се појави на потегот од православните гробишта кон ридот Балтепе во Тетово, па мештаните алармираат дека може да останат без своите куќи и стравуваат за животите. Во 2018 година поради ерозија се урна и една куќа.

– Живееме со страв, ѕидот падна пред три години, Може да падне ѕидот и ерозијата да уништи пет куќи кои се во опасност. Бараме потпорен ѕид да се направи – изјави Кадри Демири.

Од таму поради случката во 2018 година побарале од Општина Тетово да се направи нов потпорен ѕид.

-Тие дојдоа снимија, рекоа дека ќе направат нов ѕид но, еве колку време помина од тогаш, а од тоа нема ништо. Вчера пак беа, направија увид и само ни велат чекајте, а ние еве чекаме скоро три години. Ние само сакаме да живееме како луѓе, без страв дека утре оваа земја над нас ќе ни падне врз глава – вели Кадри Демири.

Местоположбата на овие куќи е на ридест предел, па затоа мештаните стравуваат и од најмало свлечиште на земјата.

– И јас сум се жалел два пати но, без резултат. И кај мене е ризично за живеење. Куќата е загрозена и може исто така да падне како и кај соседот. Се плашиме дека ова брдо над нас може да ни падне додека спиеме и сите да не затрупа. Најмногу се плашиме кога подолго време врне дожд, тогаш е најопасно – изјави соседот на Кадри, Африм Кагури.

Во маалото има околу 25 куќи, а некои од нив се субстандардно изградени. Ерозија на земја е евидентирана на патот од Тетово до месноста Бањиче.