Во Делчево во минатата 2020 година се исплатени вкупно 266 илјади денари за 82 новороденчиња кои се родиле во текот на годината. Во новата 2021 година како што информираа од Општината, денес се доделени и првите десет илјади денари за првороденото новороденче во Делчево.

-Општина Делчево дарува 10 илјади денари на првороденото новороденче во годината чии родители живеат во Делчево, а согласно со информацијата од матичните гинеколози од Здравствениот дом и Службата за превенција и имунизација. Исто така, како една од социјалните мерки која значи поддршка на родителите кои добиле новороденче, Општина Делчево на сите новороденчиња во Општината исплаќа по 3 илјади денари еднократна парична помош., истакнаа од Општината.

Традиционално и оваа година градоначалникот Горан Трајковски го предаде подарокот на родителите.

-Секоја нова рожба носи радост, надеж и иднина, а Делчево се радува на секое новороденче, бидејќи добива нов жител. Првороденото во годината е предвесник на новата генерација дечиња кои се нашата иднина. По традиција го посетуваме домот на првороденото бебе во годината. Оваа година, поради актуелната состојба, ќе ги предадеме подароците на родителите, но ќе испратиме желби, малата Мила да има среќно и безгрижно детство и да донесе многу радост и гордост на семејството, но и на општината.Ја користам оваа прилика да им ја честитам радоста на родителите на кои малата Мила им е прво дете во семејството и да има посакам многу љубов и дечиња да им го развеселуваат домот, истакна Трајковски.

Малата Мила Стоименовска како што додаде таткото Даниел Стоименовски е родена на 4 јануари во Скопје.

-Најискрено, чувството е прекрасно, тешка е 3.930 грама и е прво дете на мене и сопругата Сандра Стоименовски. На сите им посакувам да ја дочекаат таа среќа, истакна таткото Даниел.

Во делчевското акушерско одделение поради немањето анестезиолози годишно се раѓаат од 5 до 10 новороденчиња, додека најголем дел од новопечените мајки, поради одбегнување компликации децата ги раѓаат на некоја од клиниките во другите градови.