До 50 отсто од домаќинствата во Тетово се соочуваат со отежнато водоснабдување поради заматување на водата од која се зема од месноста Лешница во новиот дистрибутивен систем, информираат од работната единица на „Водовод и канализација” при ЈКП Тетово.
Од вчера навечер поради заматената вода се активираат сензорите во новиот водоснабдителен систем кои не дозволуваат проток на водата.Љуљзим Шаќири, раководител на водотехничката лабораторија истакна дека заматеноста на природните извори кај месноста Лешница е поради поројните дождови кои придонесоа да има земја и кал.– Сензорите во новата филтер пречистителна станица автоматски се затвораат и не дозволуваат таква вода да влезе во системот.
Од вчера се расчистува во филтер станицата кај сензорите, а чекаме и важно е и природното разбистрување на изворите кај Лешница. Се надеваме дека денеска или утре ќе се стабилизира состојбата, рече Шаќири .Водоводната мрежа во Тетово сега има само 150 литри вода во секунда кои се добиваат од стариот дистрибутивен систем. Со ваков проблем градот се соочи во септември и во октомври 2020 година.