Доделени прехранбени пакети за социјално ранливи семејства во Делчево, во пресрет на Божик. Со активноста како што информираа од Општината, опфатени се загрозени семејства од руралните средини.
-Под мотото „Секое семејство заслужува со богата трпеза да го пречека Христовото раѓање“, а по повод божиќните празници, Општина Делчево во соработка со компанијата „Зегин“ денеска додели 15 хуманитарни пакети со прехранбени артикли на семејства кои живеат во социјален ризик во руралните делови на Општина Делчево. Детектирани се семејства на кои им е најнепоходна помош во селата Разловци, Ѕвегор и Град, истакнаа од Општината.
Пакетите ги додели делчевскиот градоначалник Горан Трајковски кој истакна дека со ова општината покажува дека е одговорен чинител пред сите граѓани.
–Со ова покажуваме дека се грижиме за секое семејство, посебно во пресрет на големиот христијански празник, кога се слави раѓањето на Исус Христос, заради што одлучивме да доделиме пакети со храна на семејства кои живеат во социјален ризик. Целта е секое семејство со достоинствена бадникова вечера да го пречека Божиќ и да го прослави овој христијански празник, рече Трајковски.
Оваа хуманитарна акција како што потенцираа од Општината е дел од континуираните активности кои во изминатиот период ги спроведува локалната самоуправа, се со цел да им се помогнеме на оние на кои помош им е најпотребна.