Новогодишната ноќ во Прилеп помина без некои инциденти и мирно. При пречекот на новата година прилепчани во домовите, а плоштадот остана празен. Единствено на Новата Година потсетија елката во центарот на градот, но и бројните петарди и светлечки и распрскувачки ракети. Низ градот имаше само по некој минувач и контроли на полицијата.
Единствено желбите и надежите на граѓаните останаа Новата 2021 година да биде среќна и да ја нема пандемијата, а животот да се врати во нормалните текови.
На гинеколошкото одделение во Прилепската болница дури изутрината, околу 9:30 часот се роди првото, и тоа, женско бебе, второ на среќната мајка Ангелка Георгиева.
– Поминавме прекрасно. Тимот беше прекрасен. Пресреќна сум, моето бебе е здраво и живо. На сите им посакувам среќни празници и годинава да биде далеку подобра од претходната и сите да сме здрави и живи. Инаку, веќе го одбравме името на нашата ќерка, ќе се вика Инес, изјави среќната мајка Ангелка Георгиева.
Гинекологот Весна Мијакоска Кочова, нагласи дека и бебето и мајката се во добра општа состојба.
– Се роди првото бебе во Прилеп, во новата 2021 година. Бебето е тешко два килограма и 950 грама, долго 49 сантиметри. И бебето и мајката се во добра општа состојба. Посакуваме за сите да е убава, здрава новата година, да ја заборавиме 2020 година, рече Мијакоска Кочова.
Педијатарот Ана Ѓорѓиоска, заедно со персоналот се среќни што има нов живот и посакува среќна и здрава година за сите.
– Се надевам дека годината ќе биде среќна и бериќетна. Им посакувам на сите граѓани годинава да им биде многу поубава и среќна, вели Ѓорѓиоска.
На гинеколошкото одделение во моментов има осум бебиња. Сметаат дека годината е многу надежна, бидејќи се затвори ковид одделот на одделението што досега било причина повеќе родилки да не дојдат на одделението.