Туристичките работници, угостителите и приватните издавачи на соби во Дојран, на заеднички состанок со градоначалникот Анго Ангов, се договорија да ги почитуваат сите протоколи и мерки за заштита од ширење на корона вирусот и максимално одговорно да ги прослават претстојните празници доследно применувајќи ги и забраните за групно собирање на јавни места.

Тоа не значи дека во Дојран нема да се пречека Новата година како што доликува, но годинава сите се согласија дека тоа ќе го направиме во кругот на најблиските од семејството,со почитување на препорачаните мерки за заштита од Ковид-19, рече градоначалникот Ангов.

-Комерцијалните капацитети ветија дека за гостите кои ќе престојуваат за време на продолжениот новогодишен викенд кај нив, ресторанските услуги ќе ги користат до 18 часот до кога ќе работат и сите приватни ресторани во Дојран, без организиран пречек, посочи Ангов.

Тој нагласи дека годинава прв пат на тест е ставена совеста на дојранчани, но и на околу 2.000 гости меѓу кои ги смета сопствениците на викендички и најблиските членови на нивните семејства.

-Сметам дека и оваа категорија гости за време на престојот во Дојран ќе бидат дисциплинирани и ќе ги почитуваат протоколите и препораките за примена на заштитните мерки затоа што,особено во новогодишната ноќ,ќе има засилени контроли по викендичките од страна на полицијата и надлежните инспекторски служби, а казните не се за потценување, нагласи градоначалникот Анго Ангов.