Пехчево е една од ретките општини која годинава нема потрошено средства за традиционално новогодишно украсување. Парите за таа намена, информираа од Општината, се пренаменети во справување со кризата од Ковид-19.
– Оваа година локалната самоуправа нема потрошено средства од својот буџет за традиционалното новогодишно украсување на градот. Одлучивме средствата да ги пренамениме таму каде што е најпотребно, во образовните институции, во справување со кризата со Ковид-19, за лицата со посебни потреби, со еден збор за подобрување на условите за живот на сите граѓани – информираа од Општината.
За украсување и создавање Новогодишна атмосфера во Пехчево како туристичко место, додадоа дека е искористено посточекото осветлување од минатата година.
– Ги искористивме постоечките лампиони, сијалици, елки кои ги имавме изминатите години. За новогодишен шмек на градот, истите ги поставивме во центарот на Пехчево. Целта е сепак да се почувствуваат новогодишните празници и да има место каде да се фотографираат помалите деца – додадоа од Општината.
Општина Пехчево годинава ја привршува со доделување новогодишни подароци за најмалите. Откако вчера новогодишни подароци добија децата од Дневниот центар, денес локалната самоуправа обезбеди подароци и за децата од градинката „7 Септември“
– Денеска го реализиравме традиционалното доделување пакетчиња, но поради заштита на децата, подароците им ги подели воспитувачкиот кадар. На најмалите и на сите дечиња им посакувам среќно и безгрижно детство и посакувам Новата година да им донесе многу игри и детски насмевки – рече градоначалникот на Пехчево, Драган Тренчовски.
Од општината додадоа дека годинава пандемијата не предизвикала посериозни проблеми во однос на функционирањето на воспитно-образовните установи.