Во десет прилепски училишта учениците се подготвија за проекти како да ги подобрат условите во училиштата и да може да донесат училишна опрема.

Десетте училишта беа вклучени во проектот „Јакнење на малцинствата и специфичните групи за промовирање на партиципативната демократија на ниво на заедницата, втора фаза“, кој го спроведе Центарот за граѓанска иницијатива, поддржан од ifa/Zivik, Федерална канцеларија на Сојузна Република Германија. Преку програмата се реализираа проектите кои ги подготвија учениците од училиштата.

Како што објаснуваат од ЦГИ-Прилеп, во август годинава 30 ученици од десетте училишта учествуваа на Младинскиот летен камп за развој на локалните иницијативи. Учениците таму научија како да подготват проекти, ги подготвија, а потоа и ги доставија за оценување. Најдобрите беа избрани за поддршка и за реализација.

Во моментов се релизираат активностите, но стигнува и опремата утврдена како потреба во проектите. Некои од проектите се посветени на уредување на училишната околина со уредување и поставување клупи, училници на отворено, други со опрема за настава, за кабинети по анатомија, хемија и за други училишни предмети, а трети, пак, имаа потреба од набавка на печатачи и ЛЦД-проектори.

Преку програмата учениците научија како да пишуваат проекти, но и како да ги реализираат, а на своите училишта им донесоа и нова опрема.