Буџетската рамка на Општина Гевгелија за идната година ќе изнесува 479,5 милиони денари, од кои околу 210 милиони денари ќе бидат на основниот буџет, одлучи општинскиот Совет со мнозинство гласови на последната седница.

Оваа буџетска рамка е утврдена врз основа на просечните остварувања во изминативе три години, зголемени за 30 отсто согласно законските ограничувања.

Според градоначалникот Сашо Поцков, доколку предложеното законско зголемување на 50 отсто ја добие Собраниската подршка, тогаш вкупниот општински буџет ќе се зголеми на 505,4 милиони денари, а основниот буџет ќе изнесува 235 милиони денари.

-Тоа ќе ни овозможи поголем дел од средствата да ги намениме за капитални расходи, поточно за реализација на неколкуте инфраструктурни проекти за подобрување на патната инфраструктура, на квалитетот за живот во урбаните средини и дел за проширување на комуналната инфраструктура во општината, рече Поцков.