Во дводневна посета на Македонија утре и задутре ќе престојува претседателот на Големото национално собрание на Турција, Мустафа Шентоп, а неговата посета се совпаѓа со одбележувањето на 21 декември, Денот на наставата на турски јазик.

Господине Шентоп, вашата посета на нашата земја се совпаѓа со одбележувањето на 21 декември, Денот на наставата на турски јазик. Како ќе се одбележи овој празник во Македонија?

– Знаеме дека во Северна Македонија разни етнички и верски заедници со векови живеат заедно во мир и благосостојба, и ние во Турција со задоволство го согледуваме ова. Различностите се извор на богатство на една земја и гледано од тој аспект Северна Македонија е една од најбогатите земји, не само на Балканот, туку и во светот. Воедно, особено е за поздравување фактот што Вашата земја ова бесценето богатство го зачувува и со устав и законски регулативи. Гледаме дека со Охридскиот Рамковен Договор од 2001 година и со Законот за јазици прифатен во 2008 година се потврдува правото на образование, со што се овозможува образование на албански, турски, ромски, српски, босански и влашки јазик. Турската заедница во Македонија, од која и јас потекнувам, е мошне задоволна од користењето на ова право и тоа задоволство го изразуваат во секоја прилика. Имено, особено сме горди кога од нашите пријатели во Македонија слушаме за тоа дека колку квалитетно образование на турски јазик им се нуди на нашите браќа низ цела Македонија, на чело со училиштето на Турската Фондација Маариф кое се наоѓа во Тетово. Како што истакнавте, 21 декември е Ден на турска настава. Поаѓајки од фактот дека 21 декември од 1944 година е денот кога во рамки на тогашната Федеративна Република Југославија одново е дозволено образование на турски јазик, овој датум е прифатен како национален празник на Турците во Македонија и Ден на турска настава. И оваа година еуфорично ќе го славиме овој празник. Во рамки на прославите, во Скопје, ќе се организираат низа настани посветени не само на турската заедница во Македонија, туку на сите кои се добредојдени.

Првиот настан ќе биде церемонијата организирана од страна на Сојузот на турските невладини организации во Македонија (МАТУСИТЕБ). На церемонијата ќе им се врачат наградите на оние кои дадоа придонес во отелотворувањето на делото составено од приказни, есеи и поезии, произлезени од „Онлајн работилница на писателство 2019-2020“ организирана од страна на Сојузот на писатели на Евроазија и Сојузот на писатели на Балканот, со поддршка на ТИКА. Воедно ќе им се доделат наградите и на учениците и студентите добитници на натпреварот по поезија, проза и цртање со наслов „Туркофонскиот свет соединет со турскиот јазик“ организиран од страна на МАТУСИТЕБ и Институтот Јунус Емре, една друга наша еминентна институција. Потоа ќе следи панел дискусијата со наслов „Ретроспективна евалуација на историскиот контекст на турското образование во Северна Македонија: минатото, денешницата и иднината“ на која со своите ценети излагања ќе допринесат многу значајни експерти. Додека во попладневниот дел во Куршумли Ан ќе се реализира отворањето на изложбата „Турското стреличарство низ историјата“, а потоа ќе следи панел дискусијата организирана во Меѓународниот Балкански Универзитет со наслов „Духовното наследство во Румелија“. На крај би сакал да истакнам и дека турскиот јазик е еден од јазиците кои го изградија овој гоеграфски регион, оваа култура. Кога зборуваме за турскиот јазик, мислиме на јазик кој не соединува нас, во кој секој еден поединец од регионот допринесол, и кој влијаел овие краеви да бидат татковина на сите нас. Накратко речено, турскиот јазик, како заеднички јазик на овие краеви, бил и елемент на вековното зачувување на мирот и благосостојбата. Така, честувањето на Денот на турска настава во еуфорична атмосфера, е показател дека турскиот јазик и во иднина ќе допринесе во мирот и благосостојбата на овие краеви.

Турција и Македонија се традиционални партнери и пријатели, имаат добра политичка и економска соработка. Има ли можности за интензивирање на оваа соработка?

– Заедничката волја на почитуваниот Претседател на Турција г-динот Реџеп Таип Ердоган и почитуваниот Претседател на Северна Македонија г-динот Стево Пендаровски во насока на развојот на билатералните односи од секое ниво е наш патоказ. Благодарение на заедничката волја на двајцата претседатели, нашата политичка и економска соработка со Северна Македонија, земјата со која имаме вкоренети историски и културни врски, е на многу високо ниво. Јас лично сум уверен дека оваа соработка и пријателските односи во иднина ќе продолжат со уште поголем интензитет и ми претставува задоволство што пред нас увидувам низа можности за достигнување на овој развој. Нашите економски односи во себе содржат голем потенцијал. Во Северна Македонија постојат многу турски инвестиции и со следни чекори може да им се приклучат и нови инвестиции на актуелните. Особено ажурирањето на Договорот за слободна трговија помеѓу двете земји кој е во сила веќе 20 години, со опфаќањето и на земјоделските производи и услужните дејности, ќе ги забрза новите инвестиции и ќе допринесе да ја достигнеме целта од една милијарда долари во обостраниот трговски обем. Затоа, се надевам час поскоро да започнат дејностите во насока на ажурирање на истиот. Постојат близу 50 турски компании кои инвестирале во Северна Македонија преку извоз на капитал од Турција. Овие фирми им овозможуваат вработувања на над 5.000 работници. Турските изведувачи покажуваат посебен интерес кон дејностите на производство и дистрибуција на соларна енергија, изградба на брани и хидроцентрали, изградба на дистрибутивна мрежа за природен гас, болници, автопатишта-мостови, изведба на пречистителни станици и друго.

Воедно имаме и голем потенцијал за соработка во областа на одбрамбената индрустрија со најновата членка на НАТО, Северна Македонија. Треба да истакнам и дека соработката од областа на образованието и културата имаат посебно значење за нас. Низа наши државни институции, општини и граѓани овде реализираат многу настани преку колоритниот елемент на македонското општество, турската заедница. Сиве овие настани ќе продолжат со уште подинамичен интензитет по завршувањето на пандемијата. Кажано со други зборови, нашите политички и економски односи секогаш треба да ги зајакнуваме со продлабочената соработка во образованието и културата. Во оваа прилика би сакал да се осврнам и на фактот дека еден од најзначајните елементи во моќните пријателски односи и соработката помеѓу двете земји се нашите сонародници во Северна Македонија, кои ја играат улогата на мост во односите помеѓу Македонија и Турција. Интегрирањето на нашите сонародници во македонското општество, растот на нивниот просперитет, зачувувањето на нивните вредности, на чело со образовните и културните, решавањето на проблемите во правичната застапеност и останатите области дава импулс на нашите билатерални односи. Посакуваме преку заеднички придонес на двете земји да ги зајакнеме нашите односи во сите области.

Во двата парламенти има групи за соработка и пријателство кои соработуваат и меѓусебно се поддржуваат. Како може оваа соработка да стане уште поплодна?

– Отсекогаш постоеле топли односи помеѓу Големото национално собрание на Турција и Собранието на Северна Македонија. Поради потеклото на моите семејни корени од Македонија, откако сум избран за Претседател на Големото Национално Собрание на Турција посветувам особена заложба за уште поголем развој на постоечките топли односи. Со таа цел, ја посетив Вашата убава земја во три наврати, односно на 25-26 мај 2019, 28-30 јуни 2019 и 21-22 декември 2019 година. И мојот драг пријател, Претседателот на Собрание на Северна Македонија г-динот Талат Џафери во разни прилики ја посети Турција. Нашите контакти со мојот ценет колега не се ограничени само средбите на кои се гледаме, туку реализираме и телефонски разговори по разни поводи. Како што истакнавте, постојат парламентарни групи за соработка и во двата законодавни дома. Знам дека претседателите на овие групи Ахмет Килич и Бејџан Илјас се во постојан и близок контакт. Сметам дека во наредниот период ќе бидат од корист обостраните посети на парламентарните групи со цел на уште поплодна соработка, како и реализацијата на културни активности со учество на граѓаните кои имаат духовни врски со двете земји.

Светот се соочува со пандемија на Ковид-19. Нашите две земји се исто така погодени со високи бројки на заболени и починати. Во Турција има големи рестрикции за движење на граѓаните а за викендите и за новогодишните празници се најавува целосен каратин. Каква е вашата оценка, дали овие мерки ќе придонесат за намалување на бројот на заболените и скоро сузбивање на пандемијата?

– Имајќи ги предвид социјалните, економските и политичките рефлекции на пандемијата КОВИД-19, може да се каже дека истата предизвика многу повеќе од само „здравствена криза“. Веќе на сите ни е јасно дека доколку не се спроведе ефикасна и паметна битка со пандемијата, истата има потенцијал да причини деструктивни и тешко опоравливи социјални, економски, хумани и политички проблеми. Досега за жал над еден и пол милион луѓе ги загубија нивните животи и над 75 милиони се заразени со оваа болест. Од друга страна, пред нас стојат економските потешкотии предизвикани од пандемијата кои директно влијаат врз нашите граѓани. Така, во овој миг на напори на минимализирање на смртните случаи предизвикани од пандемијата, се соочивме со вистината дека треба да се најде вистинскиот баланс помеѓу зачувувањето на јавното здравје и континуитетот на економскиот и социјалниот живот. Накратко речено, во периодов на пандемијата, многу јасно излезе на виделина дека здравството и економијата не се свои противници, туку се елементи кои се дополнуваат еден со друг. Ние, во Турција, благодарение на инфраструктурата на здравствениот систем и посветеноста на здравствениот сектор, продолжуваме да ја држиме пандемијата под контрола. Благодарение на стратегијата на реформи во здравството предводена од почитуваниот Претседател, г-динот Реџеп Таип Ердоган и изградените градски болници им нудиме најсовршен третман на сите наши граѓани. Дури и во пикот на пандемијата имаме 30% капацитет на кревети на интензивна нега. Дополнително на ова, во насока на барањата стигнати до нашата земја, во рамки на програми за посебна помош за загрозените категории како стари лица, хендикепирани лица, деца без родители и друго испративме помош до над 150 земји. Што се однесува до воведувањето на карантин, јасно ни е дека краткотрајниот и долготрајниот карантин кој го опфаќаат целото општество, е еден од најефективните методи во борбата против пандемијата. Во таа насока треба да се вреднува и четиридневниот карантин за Нова Година, кој е дел од „контролираниот социјален живот“. Несомнено оваа мерка ќе допринесе во намалувањето на бројот на починати и завршувањето на пандемијата во најскор рок.

Како ја оценувате борбата со Ковид-19 во Европа?

– Нема да згрешиме ако речеме дека многу земји во Европа, слично со земјите од целиот свет, неподготвени се соочија со пандемијата. Кога на ова ќе му се додаде и фактот на високата стапка на постара популација во некои европски земји, произлезе една страшна слика. Сите земји се мобилизираа за да ја стават пандемијата под контрола и да им испратат здравствени услуги на оние кои имаа потреба. Оваа мобилизација ќе продолжи се до моментот на целосно воведување на вакцини чие влијание е докажано. Но, во овој период сведочевме на еден факт, а тоа е дека повеќето од големите европски земји и особено нивниот здравствен систем потфрли во борбата против пандемијата. Додека ние во Турција сеуште сме на ниво на 70% пополнетост на одделите за интензивна нега, во Европа видовме како луѓе лежеа пред болници и во ходници, обиди на луѓето им се даде третман во нивните возила, дури, за жал, сведочевме како во домови за стари лица луѓето беа оставани да умрат. Друга значајна точка во периодов беше помагањето и солидарноста помеѓу земјите. Со гордост може да кажам дека Турција, со помошта испратена до други земји и институции во екот на пандемијата КОВИД-19 беше заслужено ценета. Турција, од почетокот на пандемијата испрати помош со материјали и материјална помош до 156 земји и 11 меѓународни институции. Исто така во Европа до 32 земји беше или ќе биде испратена помош. И до братската и пријателска Северна Македонија во неколку наврати испративме помош од хируршки маски, ракавици, заштитни скафандери, заштитни очила и Н149 маски. Се надевам дека соработката на ова поле ќе ја продолжиме и во иднина.

Македонија и Турција се сојузници во НАТО, но двете земји се соочуваат со пречки на патот кон ЕУ. Останува ли ЕУ стратешка определба на Турција?

– Процесот на ЕУ на Турција започна со потпишувањето на Договорот за асоцијација со Европската економска заедница во 1963 година и доби импулс со аплицирањето за полноправно членство во 1987 година. Односно, станува збор за процес кој трае повеќе од половина век. Во овој период постоеле добри и лоши периоди, но европската визија на Турција никогаш не пропаднала. Воедно, и почитуваниот Претседател, г-динот Реџеп Таип Ердоган во една своја неодамнешна изјава истакна дека „себе си не се гледаме на друго место, туку во Европа, и нашата иднина замислуваме да ја градиме заедно со Европа“. И јас би сакал да повторам дека и покрај сите потешкотии, ја чуваме целта за полноправно членство во Европска Унија. Секако дека во оваа насока следуваат значајни задачи и на Европска Унија, истомерно со Турција. За да се надмине актуелниот магичен круг во односите Турција-Европска Унија и да се постигне напредок, некои земји задолжително треба да ги тргнат на страна неправедните наметнувања и нивните предрасуди и да престанат целосно да им ги наметнат своите политики на Унијата. И во односите Северна Македонија-ЕУ станува збор за иста ситуација. Не треба да останат незабележани заложбите на Северна Македонија која вложува максимални напори за членство во Европска Унија. Би сакал да истакнам дека со потполна искреност го поддржуваме членството на Северна Македонија во ЕУ и дека очекуваме успешно да се заокружи овој процес. Во оваа прилика би сакал да подвлечам уште нешто. Ние како Турција со потполна искреност го поддржавме членството во НАТО на Македонија. Како држава имавме многу значајни пријателски иницијативи во рамки на НАТО. Минатата година лично следејќи го овој процес и давајќи му предност на НАТО протоколот на Македонија во Големото национално собрание на Турција, за кратко време го ратификувавме истиот. Државата Турција, секогаш беше до Северна Македонија, ќе продолжи да биде и во иднина.

Македонија и Грција го надминаа меѓусебпроблем со промена на нашето име. Сега на патот кон ЕУ ја имаме Бугарија со нови условувања. Се злоупотребува ли членството во ЕУ за да се наметнуваат свои решенијаво билатералните прашања со соседите?

– Верувам дека недоразбирањата помеѓу Вашата земја и Бугарија може да се решат врз основа на добрососедски односи и дипломатија. Не постои нерешлив спор за општествата кои со векови на Балканот споделиле слични култури, песни, јадења, радости и таги. Од друга страна, нема да згрешиме ако кажеме дека Турција во неколку наврати се соочува со сличен проблем. Особено Грција и Франција, во изминативе години актуелизирајќи ги своите агенди и нивните спорадични проблеми со Турција во агендата на ЕУ, измислуваа неразумни изговори за да ги запрат преговорите за членство на Турција и отворањето на нови поглавја. Кога на ова ќе се додаде и Грчката администрација на јужен Кипар, која ги игнорира кипарските Турци, не пристапува кон траен мир и решение за островот Кипар и која токму поради оваа причина воопшто не требајќи да биде прифатена во Унијата, се направи членка на ЕУ, може да кажеме дека и Турција се соочува со слична блокада. Земјите кои ги спомнав го злоупотребуваат нивното членство во ЕУ со цел да ги наметнат своите желби и решенија, но она што не го разбираат е следно: Турција е земја која има тежина во регионот и светот, земја која преку потфатите во последниот период ја зголеми областа на влијание, и земја која е доволно моќна да ја имплементира својата агенда и политика. Нема да подлегне на ничии уцени или наметнувања. Затоа, земјите кои се обидуваат да и ги наметнат своите желби на Турција треба да престанат со тоа и безусловно да се вратат на преговарачката маса. Сметам дека злоупотребувањето на членството во Европска Унија во насока на решавање на билатералните проблеми не соодветствува ниту со основните вредности врз кои се заснова Унијата, ниту пак со духот на добрососедство.


Администратор
20/12/2020 14:01