Стрип центарот на Македонија-Велес во Ликовниот салон синоќа ја отвори изложбата која е дел од проектот „Стрип училиште, стрипот во интеркултурна едукативна мисија 2020“. На изложбата беа претставени 14 автори ученици од Велес, Битола, Куманово и Скопје, а кои се претставуваат на 28 панели со стрипови.

Томе Трајков од СЦМ-Велес за МИА изјави дека некои од авторите се претставија со еден, двајца со три и еден автор со четири стрип цртежи.

– Целта на проектот е развој на Интеркултурноста како и деметрополизацијата на културата во Република Северна Македонија преку едукативни стрип активности наменети за млади од разни етнички и други средини, рече Трајков.

Поради новонастанатата ситуација предизвикана од Ковид – 19, проектот е видоизменет наместо да творат во живо, млади автори учесници на проектот од различна етничка припадност од Велес, Скопје, Битола и Куманово онлајн ги доставиле своите стрип дела, а кои беа претставени на изложбата. Истите ќе се објават на пригоден каталог и по Велес, вакви изложби ќе се одржат и во Битола и Скопје.

Трајков потенцирира дека со оваа Школа за стрип за ученици, а која СЦМ-Велес по вторпат ја организираат со финансиска поддршка на Министерството за култура, македонската стрип сцена е побогата за неколкумина млади автори од разни средини коишто треба да го најдат своето место во стрип сцената во земјава.