По повод Светскиот ден на лицата со попреченост денеска е отворена нова страница на Фејсбук насловена „Купи со срце“, која е заеднички проект на сопругата на бугарскиот амбасадор во земјава Ангел Ангелов, Билијана Ангелова и Здружението „Во мојот свет“.

На оваа фејсбук-страна секое семејство, во кое има лице со попреченост, ќе може да објави фотографии од рачно изработени производи од некој од неговите член, наведувајќи ја цената, како и кратки информации за лицето со посебни потреби.

– Денеска за мене не е Ден на лицата со посебни потреби, туку ден на луѓе со сила на духот и волјата! Луѓе за кои секој ден е борба и луѓе со големи чисти срца! Имено, токму на овој ден решив да ве запознам со идејата што може да им помогне на овие луѓе. Идеја која доаѓа од Бугарија и со дозвола на нејзините креатори ја започнуваме во Република Македонија. Бев изненадена кога дознав колку семејства во кои има лица со посебни потреби прават рачно изработени чуда. Овој проект ќе им овозможи нивните производи да допрат до повеќе луѓе, кои што ќе ги купат и со тоа финансиски ќе го поддржат семејството. Страницата се вика „Купи со срце“, бидејќи се што правиме мора да биде со срце и љубов!, објави Ангелова.

Идејата и инспирацијата за проектот „Купи со срце“ потекнуваат од бугарската страница на Фејсбук „Купи подарок од мајка на дете со попреченост“, која за само еден месец обебзеди над 60.000 следбеници, а собира и разни човечки судбини. Дозволата за промовирање на каузата во Република Македонија ја даде креаторот на бугарската страница Ина Маринова, која е мајка на дете со церебрална парализа.

На почетокот, таа продала неколку рачно плетени чевли во група за родители на деца со церебрална парализа, но интересот бил толку голем што и други родители почнале да ги споделуваат своите рачно изработени производи. Набргу потоа, Маринова ја создала страницата на Фејсбук „Купи подарок од мајка на дете со попреченост“.


Администратор
03/12/2020 17:23