Сингапур одобри продажба на „пилешко месо“ произведено во лабораторијата на една американска компанија, јави агенцијата Анадолија.
Сингапурската агенција за храна (SFA) преку соопштение информира дека е дозволена продажба на „пилешкото месо“ произведено во лабораториска средина од американската компанија „Ит Џаст“ (Eat Just).
Се наведува дека „пилешкото месо“ произведено од „Ит Џаст“ во лабораторијата е безбедно.
Главниот извршен директор на „Ит Џаст“, Џош Тетрик истакна дека пилешкото месо произведено од животински мускулни клетки во лабораторија за кратко време ќе биде достапно во еден ресторан во Сингапур.
Иницијативата на „Ит Џаст“ Тетрик ја опиша како значаен чекор за глобалната прехранбена индустрија и истакна дека очекуваат и другите земји да дозволат продажба на ова месо.
Тој нагласи дека во процесот на производство на месото не се користат антибиотици.