Струшкиот хирург Владимир Кочоски почина на Скопските клиники од компликации предизвикани од КОВИД-19.

Информацијата за МИА ја потврди директорот на Општата болница во Струга Мухамед Асани, кој изрази жалење за големата загуба на својот колега и голем професионалец.

– Доктор Кочоски од КОВИД-19 се лекуваше во Струшката болница, потоа беше транспортиран на Инфективна клиника во Скопје, каде се лекуваше речиси три недели. По добивањето на негативниот тест за коронавирусот состојбата му се влошила и почина од компликации предизвикани од вирусот, изјави Асани.

Кочоски е првата жртва на КОВИД-19 од медицинскиот кадар во Струшката болница, а вчера од лекување од Скопските клиники се вратил доктор Зоран Костојчиноски дерматолог во Болницата.

Во Општата болница во Струга, како што информира директорот, во моментот 20-тина медицински лица се позитивни на КОВИД-19.